МЗТ Скопје е новиот шампион, односно стар, ако се земе в предвид дека екипата од Аеродрoм го направи тоа и во изминатите неколку сезони. „Металците“ делуваа убедливо и во серијата против Пелистер. Со максимални (3-0) го затворија финалето во кое во улога на шеф на стручниот штаб беше Васко Атанасов.
„Радоста е голема, титулата го потврди нашиот квалитет и е награда за сиот труд вложен на стотиците тренинзи почнувајќи од август. Верувавме во себе, го анализиравме секој противник, поставувавме посебна игра со цел да му ги искористиме слабостите и на крајот дојдовме до целта“- аналиира Атанасов.
Во текот на сезоната, а по заминувањето на Драган Николиќ, доби дополнителна обврска, некој вид на императив, МЗТ Скопје да ја одбрани шампионската титула.
Младиот тренер го реализираше тоа. Но искрено, успехот го припишува на сите во клубот кој стигна и до десетотто шампионско славење.
„Заслугите за овој успех се буквално на сите во клубот, од прв до последен. Имам огромна благодарност за кошаркарите, за трудот и за вербата што ја имаа и за моите соработници од стручниот штаб, секако и за управата без која ништо немаше да биде возможно. Вложивме голем труд и сега заслужено треба да прославиме“ - потенцира Атанасов.