Дојде и денот во кој нашиот национален тим ќе треба да покаже од каков „материјал“ е направен...
Стартуваат квалификациите за Европското првенство 2021 година кое ќе се одржи во четири различни држави, Чешка-Грузија-Италија-Германија.
Македонија е дел од „Б“ квалификациската група, во друштво на селекциите на Естонија, Италија и Русија. Согласно со „правилата“ на игра диктирани од страна на Светската кошаркарска федерација-ФИБА, три од нив ќе заверат пласман на Евробаскетот. Но со оглед на тоа дека една од овие селекции – Италија е еден од ко-организаторите, истата обезбедува директен пласман на евро-шампионатот, што индиректно значи дека за двете преостанати места ќе се борат другите три национални тимови.
Првата битка за македонската репрезентација почнува вечерва, од 20.15 часот, дома, на паркетот во А1 Арената „Борис Трајковски“ во Скопје.
И повеќе од мотив за нашиот нов состав, предводен од нов селектор и нов стручен штаб, да се направи добар старт во квалификациите.
А подобро од победа, против незгодниот тим на Естонија, и нема.
„Немаме тим кој може да постигне 90 поени, тие имаат, па ќе мора да ги сопреме. Тие се шутерска екипа исто како нас, процентите за три поени ќе бидат од големо влијание. Онаа екипа која сака да победи, ќе победи. Ако ја создадеме таа хемија, ќе успееме. Можеби ќе звучи како шаблон, да играме со срце“- вели селекторот Александар Тодоров.
Ја потенцира главната опасност што ќе доаѓа по нашиот состав - крилните центри на Естонија.
„Естонците се собраа подоцна, така што ние сигурно сме во предност од аспект на подготовките. Нивните двајца најдобри играчи играат на позиција ‘четири’. И двајцата се по 30 години, и се најискусни и се најдобри шутери од далечина. За да можат да ги искористат двајцата, верувам дека во одделен дел од мечот и двајцата ќе бидат на теренот“- вели Тодоров пред вечерашниот дуел против селекцијата на Естонија.
Додава и тоа дека исходот од овој натпревар нема да биде и пресуден во конечниот изглед на табелата од групата „Б“ во евро-квалификациите.
„Мечот против Естонија не е клучен. И со една победа не може да се помине на Европско првенство, ни требаат две или три победи“- јасен е Тодоров.
Предводникот на „црвено-жолтите“ има голема доверба во младите кошаркари...
„Она што го тврдам како тренер е дека нема преголема разлика меѓу оние поискусните и оние помладите. Нормално, кај помладите може да се случи да изгорат во желба, да направат грешка, но како квалитет верувам дека не постои голема разлика и јас стојам зад тоа“- потенцира Тодоров.
Еден од оние во кои има голема доверба е токму Ненад Димитријевиќ.
Според Димитријевиќ, пак, клучно за нас ќе биде да се одигра максимално колективно. Како во нападот, така и во одбраната...
„Повредата дојде во незгоден момент, бев под еден посебен третман, но ќе играм вечерва против Естонците. Мислам дека клучно за овој меч ќе биде да одиграме колективно, Естонија можеме да ја победиме само ако одиграме како екипа, да си помагаме на теренот.
Знаеме дека играат брза кошарка, јас сум навикнат на такво нешто од настапите во Шпанија и во Еврокупот, можеме да им одговориме на вистински начин и да стигнеме до посакуваната победа“- смета младиот репрезентативец пред новиот предизвик во кариерата.
ИГРАЧКИ РОСТЕР НА НАШИОТ НАЦИОНАЛЕН ТИМ
Војдан Стојановски
Дамјан Стојановски
Ненад Димитријевиќ
Марко Симоновски
Андреј Магдевски
Кристијан Николов
Андреј Јакимовски
Стојан Ѓуроски
Шејн Витингтон
Андреј Маслинко
Бојан Крстевски
Љубомир Младеновски
СТРУЧЕН ШТАБ
Александар Тодоров – селектор
Ѓорѓи Кочов – асистент
Горан Самарџиев – асистент
Никола Василев – асистент
Никола Велев – скаут
Ерен Хангун – кондициски тренер
Ненад Поповски – физиотерапевт
Михајло Маноилов – физиотерапевт
Слободан Николиќ – доктор