Зад некогашниот шампион се два поразителни викенди. Два порази, помалку и неочекувани. Еден од дебитантот во Првата лига, Академија ФМП, другиот недела подоцна, на гостувањето во Кавадарци.
Затоа е евидентно дека дербито, она вечното, против МЗТ Скопје, предвидено за вечерва од 18. часот, за кошаркарите во „црвено-бела“ комбинација носи и одредена доза на императив. Дека таа слабост може да биде само надмината со успех во дуелот со вечниот ривал од Аеродром.
Но јасно е дека победа во дуелот со МЗТ Скопје ќе ги архивира и тие две неуспешни игри на најтрофејниот клуб во Македонија.
Инаку, за Димитар Мираковски ова ќе биде и прво многу поинакво искуство од оние претходните. Ако досега беше во улога на играч, за прв пат во кошаркарската кариера, во вечното дерби влегува како предводник од клупата, онаа на Работнички.
Прв меч од ваков карактер, но сега како играч на Работнички ќе има и искусниот Данило Мијатовиќ, од кого во „Градски парк“ очекуѕвата многу во мешот против екипата со која освои неколку трофеи во минатото.
МЗТ Скопје влегува во дербито со успех во АБА 2 конкуренцијата. Во Аеродром падна Широки, но во меѓувреме, „металците„ останаа без услугите на Марко Симоновски. Репрезентативниот бек доби согласност за предвремен раскин на договорот.
Но тоа, ниту двата врзани порази на противникот во изминатиот период, не ги менува плановите кај шефот на стручниот, штаб Ѓорѓи Кочов.
„Иако Работнички има два порази во низа, тоа не мора да значи ништо кога станува збор за дуел помеѓу МЗТ Скопје и Работнички.
Факт е дека имаме ужасно тежок и згуснат распоред. Меѓутоа нема да кукаме. И ќе дадеме се од себе да стигнеме до победата, иако тоа е јасно, ќе биде исклучително тешко во „Градски Парк“.
Не треба да се дополнува и тоа дека Работнички има доста искусен состав кој секако мора да се респектира максимално“- вели Кочов пред дербито на другата страна од градот.
Инакау, овој дерби натпревар ќе има и хуманитарен карактер, затоа што раководството на КК Работнички одлучи, средствата собрани од влезниците да се наменат за изградба на куќа на семејството Јовановски од Битуше.
ГОСТИВАР – ЕУРО НИКЕЛ 2005
Дуелот во салата „Младост“ во Гостивар во кој домашната екипа го пречекува кавадаречки Еуро Никел 2005, важи како второто дерби од ова седмо првенствено коло.
Јасно и поради што, со ефект 5-1, екипите на Гостивар и на Еуро Никел 2005 се на делба на првата позиција на табелата во Првата лига.
Оттука, екипата која ќе излезе како победник во овој меч закажан за недела од 17.30 часот, ќе остане на позицијата број 1 по одигрување на седмата рунда од натпреварите.
Гостиварци се во серија од четири победи по ред, тренерот Марјан Србиноски посакува тој низ на успеси да продолжи и против квалитетниот ривал од Кавадарци, макар што во изминатиот период се соочи со низа на проблеми, пред се здравствени.
„Извесно е дека ќе настапиме без помошта на нашиот организатор на играта Александар Костоски, кој сеуште не ја санирал повредата. Во изминатиот период имавме и некој вирус во тимот, што не ни даде да тренираме во комплетен состав пред овој значаен меч против еден силен противник каков што е Еуро Никел 2005“- објаснува Србиноски.
Определбата на искусниот стратег останува иста...
„Без оглед на проблемите со кои се соочивме во изминатиот период, бара стонастотен ангажман од оние кои ќе излезат на теренот. Еуро Никел 2005 е екипа силна на сите позиции, а екипата која ќе го има вистинскиот и правилен пристап, која ќе има поголема желба за успех, на крајот и ќе го добие овој меч. Ги имаме гостиварци зад себе, полно гледалиште, затоа сум уверен дека тоа ќе биде Гостивар“- посакува Србиноски.
Од друга страна пак, Еуро Никел 2005 исто така има линеарна поделба на плусевите на првенственото конто. Односно само еден неуспех во шест одиграни натпревари.
„Мора да се почитува сето она што Гостивар го (на)прави во изминатиот период. Како одминува времето, така изгледаат, делуваат како доста стабилен клуб, кој знае што сака. И важат за екипа која ретко губи, особено пред полните трибини во Гостивар“- најавува Горан Самарџиев.
Предводникот на кавадаречкиот прволигаш смета дека можеби е дојден редот да биде прекинат победничкиот низ на „сино-белите“ од Гостивар.
„По дербито во ‘Градски Парк’ ова е другиот важен меч во колото. Играат екипи кои имаат само по еден стартен пораз. Два доста израмнети ростери, и многу веројатно е дека такви ќе бидат и случувањата на теренот во салата „Младост“.