Во натпревар исполнет со многу промени на водството, на крајот и неизвесност, 151. меѓусебен дуел на вечните ривали во македонската кошарка му припадна на МЗТ Скопје (92:90).
Празната Арена во Аеродром не ги демотивираше актерите на дербито да прикажат добра игра, исполнета со многу промени на водството, и на крајот победа за бранителот на титулата.
МЗТ Скопје Аеродром – Работнички 92:90
(21-22; 25-33; 24-18;22-17)
МЗТ Скопје беше екипата која прва дојде до нешто повисока предност. Имаше домашниот тим плус од шест поени (17:11) по нецели седум минути од играта во дербито. Но со серијата од седум поени, Работнички го престигна тоа водство (18:17).
А добрата игра во нападот, Младеновски ја заокружи со десеттата реализација, за серија од (11-2) и водство на „црвено-белите“ од (22:19), кое до истекот на периодот го намали Маслинко (21:22). Играчот кој заедно со Стојановски запишаа по седум поени во домашната екипа.
Дополнителна енергија во играта на гостите донесе влегувањето на М.Младеновиќ, кој со пет поени по ред, ја одржа предноста (31:27).
Од другата страна истото, дури и подобро, го одработи Ерон Харис. Американскиот бек ги погоди сите четири обиди за три поени. Доби помош од Маслинко (10.поени), и затоа МЗТ Скопје и не заостануваше многу. По осмата тимска тројка (од 14.обиди), „металците“ беа на минус 3, (42:45). А кога со поентирањето продолжи капитенот Стојановски, таа негатива беше само еден поен (44:45).
Во таа 17.минута, тренерот на Работнички, Димитар Мираковски побара минута одмор.
Но, Работнички имаше повеќе расположени поединци. Сите деветмина кои излегоа на теренот-поентираа. Наградата дојде во вид на највисоко водство (55:46) кое го имаа на полувремето.
Полувреме во кое тројца домашни кошаркари (Стојановски, Маслинко и Харис) имаа 33 од крајните 45 поени. А кај Работнички многу поправилна распределба на поените што беше и добитната комбинација во ти 20.минути.
На почетокот на вториот дел, Кочов се одлучи за репрезентативна петорка, комплетно домашна. И тоа донесе резултат. Во средината на третата четвртина, и двете тројки кои дојдоа од Маслинко, резултатот беше нерешен (62:62). А по уште една, од Николов, МЗТ повторно водеше (65:64).
Само за кратко, затоа што тројка погоди и новакот во гостинската екипа, Балмазовиќ, за (73:68), а на другиот дел од теренот, Магдевски положи за (70:73).
Гостите имаа уште еден поен вишок по забивањето на одличниот Младеновски (78:74), во 32.минута.
За високиот степен на неизвесност говори и еден момент, кога судиите мораа да се консултираат со „инстант риплеј“ уредот за да утврдат чиј е поседот на топката, како што беше во 35.минута при резултат (81:78), во корист на Работнички. Тоа водство беше и поголемо (86:82) на 3:33 минути пред крајот, а слично на 1:21 минута (88:85), кога положи Питс.
По тајм-аутот, погоди Стојановски (87:88),а по нереализираниот обид на Питс, Олуџоби се најде на линијата за слободни фрлања. Го погоди првото, не и второто. Но ја освои топката, за нови две „слободни“. Беше непогрешлив, па првакот поведе со (90:88).
Последниот напад го имаше Работнички, но на страна на МЗТ Скопеј бепе нереализираниот „бонус“. Сепак, тоа не му посмета на Питс во ситуација „еден на еден“ да погоди за (90:90), но и 5.6 секунди за домашната екипа да проба да дојде до победата.
А во таа секвенца, „се појави“ Дамјан Стојановски, во свој стил, „преку рака“ погоди за голема победа на шампионот.
Комплетна статистика од мечот, ТУКА