Овие натпревари ќе бидат во сенка на трагедијата со која се соочи македонската кошарка, загубата na нашиот кошаркарски великан, Благоја Георгиевски-Буштур...
Најинтересниот меч во овој круг од натпреварите би требало да биде оној во Гевгелија, каде гостува еден од ко-лидерите во шампионатот.
Кожув или Гостивар, тоа е најголемата дилема која со себе ја носи 14. коло од Првата лига?
Две екипи кои вториот дел од сезоната стартуваа со две победи. Триумфи со кои си го покачија рејтингот, односно местото на прволигашката табела. Ги дели само една победа, а во овој момент предноста е на страната на гостиварци, кои со скор (10-3) се на делба на првата позиција, заедно со екипата на МЗТ Скопје Аеродром.
„Пред нас е еден доста сериозен предизвик. Патуваме за Гевгелија со желба да продолжиме со победите. Добро тргнавме во новата година, би сакале тој победнички тренд да го задржиме и по дуелот со Кожув.
Ги анализиравме во изминатиот период. Играат доста добра кошарка, пред се ефикасно, макар што се со ограничен фонд на играчи. Факт кој е присутен и кај другите екипи во шампионатот. Но оној ‘костур’ кој го имаат функционира доста добро. Ќе биде тешко, во секој случај“- кратко анализира Марјан Србиноски.
Кожув е веднаш „тука некаде“, практично гевгеличани им дишат во врат на гостиварци. Но имаат сериозни проблеми пред овој натпревар, потврдува тренерот Александар Јончевски.
„Овие натпревари и дефинитивно, ќе бидат во сенка на трагичната смрт на Благоја Георгиевски-Буштур. кој кај секој актер, без оглед на тоа дали бил играч или пак тренер во двете екипи, секако има удел, и оставил длабок белег. Сакам да изразза сочувство д неговото семејство.
Инаку, пехот со повреди никако да запре кај нас. Па покрај Бојан Трајковски, кој е отсутен веќе трет месец, Бобан Стајиќ, кој не настапи на последните два натпревари, против Гостивар нема да игра ноту Предраг Пајиќ, и тоа поради обновена повреда. И навистина е жалосно што и покрја добрите игри во првиот дел, на ниту еден натпревар не бевме комплетни. Пред се да се прикажеме во вистинско светло. Меѓутоа, и десеткувани покажавме дека можеме да одговориме на било каков предизвик, како на пример, средбата со Еуро Никел 2005 во Кавадарци. Затоа верувам дека и на вечерашниот натпревар ќе одговориме со одлична игра. Но и тоа дека овојпат ќе знаеме да го затвориме мечот во наша корист. Најавив дека ќе имаме огромен проблем во ротацијата на играчи која е неопходна за вакви натпревари. Но затоа работевме напорно цела недела, за тактички да успееме да го изненадиме Гостивар на наш, на домашен терен“- вели Јончевски.
Пелистер загуби на домашен терен од Работнички, а овој викенд „пелистерци“ ги чека гостување против МЗТ Скопје Аеродром. Нималку добар распоред за „зелено-белите“ и нивните суперлигашки амбиции.
„Се надевам дека она што го загубивме на претходните натпревари ќе го добиеме на оние наредните. Среќата не беше со нас на средбата со Работнички, ќе ја бараме на гостувањето во Аеродром. Знаеме против кого играме, МЗТ Скопје е веројатно најквалитетната екипа во лигата. Но, и тие имаат свои слабости, наше е да ги искористиме и да пробаме да изненадиме на неделниот дуел во СЦ ‘Јане Сандански’“- вели шефот на стручниот штаб, Љупчо Малинков.
Распоредот, барем во овие први кола од 2020 година им оди во прилог на кавадарчани. Пред се затоа што имаат, барем на хартија „нешто полесни противници“. Па по дуелот во Академија ФМП, следува оној пред својата публика во „Јасмин“ против екипата која засега нема остварено триумф во прволигашката конкуренција.
Од друга страна, „вториот тим“ на МЗТ Скопје бара и има уште една можност да изненади, макар што во Кавадарци таа работа изгледа доста тешка. Особено што во изминатиот период тренерот Горан Крстевски не можеше да смета на неколку кошаркари, кои не беа во составот на онаа претходна средба со Кожув.
Одличен почеток имаат „црвено-белите“ во оваа календарска година. Два натпревари и две победи, прво против Куманово, потоа и против екипата на Пелистер во Битола. За одржување на чекорот со водечките екипи на табелата.Дуелот со Академија ФМП би требало да биде потврда плус за добрата форма на кошаркарите на Работнички. Дополнителен „мотив“ за домаќинот треба да е фактот дека Академија ФМП ги изненади во првиот круг од натпреварите.
Јасно е дека се фаворити, но исто така факт е и тоа дека и „пантерите“ имаат свои очекувања на ова саботно гостување во „Градски парк“.
Тоа би можело да биде доста интересна средба. „Под Кале“ гостува екипата на Куманово, која ги загуби првите два меча од оваа втора фаза. Макар што тоа беа средби против „вечните“ ривали, Работнички односно МЗТ Скопје Аеродром.
Вардар е нешто друго, и извесно е дека „сино-белите“ се во некоја предност, ако ништо, имаат играчи кои се доста поискусни од вардаровите.
„Црвено-црните“ се заинтересирани за дуелите со оние „конкурентски“ екипи како МЗТ Скопје Уни Банка односно Академија ФМП. Но секој друг успех за нив значи и чекор напред во реализација на плановите поврзани со опстанок во друштвото на најдобрите.
Дуелот во недела навечер (18.30 часот), е уште една шанса за тоа.
Инаку, сите натпревари во Првата лига ќе започат со минута молчење, во знак на почит кон легендата на македонската кошарка, Благоја Георгиевски-Буштур кој трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа
ПРВА ЛИГА-МАЖИ
ДВОЈКИ 14. КОЛО
САБОТА:
18.00: Еуро Никел 2005 – МЗТ Скопје Уни Банка
Сала „Јасмин“ – Кавадарци
18.00: Кожув – Гостивар
Сала „26.април“ – Гевгелија
18.00: Работнички – Академија ФМП
Сала „Градски парк“ - Скопје
НЕДЕЛА:
17.30: МЗТ Скопје Аеродром – Пелистер
Сала СЦ „Јане Сандански“ - Скопје
18.30: Вардар – Куманово
Сала на КК „Вардар“ - Скопје