ПРВА ЛИГА-МАЖИ
ДВОЈКИ 7. КОЛО
САБОТА:
18.00: Куманово 2009 – МЗТ Скопје Уни Банка
18.00: Пелистер – Кожув
18.00: Академија ФМП - Вардар
НЕДЕЛА:
17.30: Гостивар – Еуро Никел 2005
18.00: Работнички – МЗТ Скопје Аеродром (МРТ-Собраниски)
Куманово 2009 – МЗТ Скопје Уни Банка
Погледот на табелата во нашата Прва лига доволно кажува која екипа е фаворит на овој дуел кој се игра вечерва во салата на Економското училиште во Куманово.
Иако во последно време четата на тренерот Александар Петровиќ не одигра според очекувањата, важи за онаа која е поблиску до освојување на двата бода со кои треба да се држи приклучок кон горниот дел од табелата.
Од друга страна зад младите „металци“ се шест порази во низа. Во некоја рака и разбирливо ако се земе предвид количината на искуство со која влегоа во ова натпреварување.
„Не смееме никого да потцениме. Ова за мене е исто како да играме против првиот тим на МЗТ Скопје“- предупредува Александар Петровиќ.
Тренерот на Куманово најавува промени во играчкиот ростер.
„Си замина Миладиновиќ, а во меѓувреме со засиливме со Атанасов, па ќе видиме како ќе функционираме со новиот играч во тимот. Јасно е дека квалитетот е на нашата страна и дека ние сме фаворити. Но од овој меч сакам да почне подготовката за наредните три во кои имаме доста посериозни противници како што се Гостивар, Еуроникел 2005 и Пелистер. Да ја подигнеме формата која е вонекој пад, и да бидеме подготвени за тие првенствени предизвици“- дообјаснува Петровиќ.
Пелистер – Кожув
Сериозен испит за „пелистерци“ е овој дуел против екипата од југот на земјата. На прв поглед се чини дека ова ќе биде дуел на две доста изедначени екипи, иако во овој момент гевгеличани се доста понапред во однос на домаќинот во Битола. Имаат две победи повеќе во првите шест кола од шампионатот, и подобра позиција на табелата.
„Ни следува натпревар кој секако ќе биде одлучувачки за двете екипи кога ќе се бројат бодовите за Супер лигата“ – вели тренерот на Кожув, Александар Јончевски.
Предводникот од клупата на гевглискиот прволигаш се „жали“ на скратена ротација пред ова незгодно гостување во Битола.
„Нема калкулации во никаков смисол, туку одиме на победа. Не го потценуваме воопшто, без разлика на тоа што загубија повеќе натпревари. Имаа проблеми со ростерот, ама сега, за разлика од нас, се комплетни. Од друга страна, на последниот натпревар ние ги загубивме Пајиќ и Лефкоски, а претходно и Зданавичиус. Ротацијата ни е драстично намалена и со заминувањето на Павловиќ. Меѓутоа верувам во оние кои ќе настапат на средбата во Битола, дека ќе го дадат својот максимум да ‘поминеме’ на ова гостување. Задоволен сум од досегашниот тек и играта иако можевме да имаме барем уште една победа на нашето конто со оглед на моментот дека имавме контрола и на средбите на кои ги забележивме двата порази“- дополнува Јончевски.
Академија ФМП – Вардар
„Академиците“ од Кисела Вода сакаат да го искористат оној позитивен импулс кој им го даде победата, помалку и неочекувана, дури и за нив, победа против шампионот Работнички.
Добра опција за тимот од Кисела Вода е што на гости им доаѓа еден од директните конкуренти во битката за што подобра позиција – Вардар.
„Секако, ова е шанса да освоиме два бонус бода, и да сенаградиме за она што го направивме на претходниот меч против шампионот“ – вели Игор Гацов.
Тренерот на ФМП Академија сепак останува „цврсто на земја“
„Ние не сме екипа која може однапред да планира и да ‘добива натпревари’, напротив. Мора да одиме од натпревар во натпревар, па така и на овој против Вардар. Знам дека ќе биде тешко, затоа и не потценуваме никој. За Вардар респект, за нас да најдеме решенија во играта. Мора да изгинеме во одбраната, онака какви што бевме на средбата со Работнички. Но во исто време сакам да го подигнеме нивото на играта, да биде она вистинско, кошаркарско. Факт е дека некогаш бараме и премногу, но мора да сториме се во напорите да победуваме, и да сеприближиме кон планираните цели“.
За да бидат поблиску до целта, раководството на ФМП Академија сепогрижи со ангажманот на уште еден странски кошаркар. Американецот Ноа Брадфорд Блантон (198см-1996год), кој се стекна со право на настап, и вечерва (18. часот), ќе ги чека првите минути во новата играчка средина.