09.11.2022

„Треба да продолжиме во еден победнички ритам. Се надевам на две победи“ – вели нашиот бек-шутер пред мечевите во Гевгелија

Виктор Ефремовски: „Мечот со Норвешка е клучен за нас, ако победиме, се ќе биде полесно“ (ВИДЕО)

Виктор Ефремовски е еден од играчите кои се дел од нашата селекција во последните неколку акции. Во оваа ноемвриската ќе ја чека својата шанса да ги покаже своите квалитети кои ги прикажува од стартот на сезоната во домашниот шампионат, каде со екипата на Гостивар е на лидерската позиција, и со максимален резултат.

Слично нашиот бек-шутер очекува и на претстојните два натпревари на нашата најдобра селекција. Првиот утре вечер, од 19.часот, против репрезентацијата на Норвешка, екипа која има ист ефект како и нашата по две одиграни коло до вториот круг од претквалификациите за Евробаскетот 2025.

„Треба да продолжиме во еден победнички ритам. Се надевам на две победи. Очекувам публиката во Гевгелија да дојде во што поголем број, и да ни даде поддршка на натпреварите кои следуваат“ – вели Ефремовски во пресрет на двата дуели во салата „26.април“ во Гевгелија.

Дуели во кои влегуваме хендикепирани со неиграњето на Ненад Димитријевиќ, Андреј Јакимовски, сега и Кристијан Николов. Но со засилување на првата бековска позиција откако македонски пасош доби Американецот Ти Џеј Шортс.

„Секако дека за нас е голем хендикеп, го немаме Нено во тимот, не игра ни Андреј. Ние другите се ќе сториме за Ти Џеј да биде добредојден. Тој бил најдобар стрелец во Бундеслигата, и очекувам лесно да се вклопи во нашиот тим“.

Извесно е дека дуелот со Норвешка е клучен за понатамошниот развој на настаните во нашата квалификациска група. Нашите ривали во четврток навечер, остварија две победи во мечевите со Данска на домашен и Словачка на гостински терен .

Клучен натпревар за нас. Ако победиме, се ќе биде доста полесно на наредните натпревари“ – смета Ефремовски.