Оваа сезона Виктор Исајлоски направи сериозен исчекор кон она што се вика „сериозна кошарка“. Односно запиша доста солидна бројка на настапи и во прволигашка конкуренција.
Како играч на МЗТ Скопје Уни Банка, ја оправда довербата на стручниот тим на „металците“, да проба, да види и да одговори на барањата кои со себе ги носи ова повисоко ниво на натпреварување од она младинското.
Доби и најголем број на минути од тренерот Горан Крстевски, скоро 32 по натпревар. Беше еден од оние кои на 17 средби во Првата лига имаа(т) двоцифрен просек на реализирани поени, по 11.3 по натпревар. Беше и еден од најдобрите скокачи (просек по 4.3 по меч) и најдобар според бројот на освоени топки (по 1.7 по натпревар).
Иако тимски и не помина според посакуваното (неговата екипа остана без победа во регуларниот дел), сепак сите овие бројки го тераат да размислува позитивно, дури и во време на прекин на сезоната.
Што правиш, како ги користиш овие денови на пауза, предизвикани од пандемијата на короновирусот?
„Деновите ги користам така што тренирам и вежбам. По двапати во текот на денот, односно секое утро и навечер, во малку изменети, домашни услови, се разбира“- краток е одговорот на Виктор за најактуелниот момент во неговата кариера.
Период во кој момчето од Гостивар за првпат почувствува како е да се игра сениорска кошарка?
„За мене чувството беше одлично. Затоа што пред сè, играв против доста искусни играчи. И затоа што со секој нов ден, секоја минута помината во игра, станував подобар и подобар, гледајќи ги и играјќи против нив“- појаснува Исајлоски за овој нов сегмент во неговото кошаркарско секојдневие.
Како си задоволeн од оваа сезона, прекината поради „виша сила“?
„Пред да се случи ова, морам да кажам дека бев многу задоволен. Од сè, во секој поглед. Но сега морам да речам и дека не сум задоволен од оваа ситуација. Најмногу поради тоа што не може да продолжиме да тренираме, но и да се дружиме сите заедно“.
Поради пандемијата нема да го играте Европското Првенство?
„За тоа жалам, пред сè затоа што долго време чекавме да дојде тој момент. Да направиме што е можно поголем успех и заедно сите да напредуваме и на репрезентативен план“
Како понатаму, кои се твоите идни планови откако ќе се нормализира ситуацијата?
„Што побрзо да заврши оваа пандемија и да се вратиме сите во своите клубови. Секако и да продолжиме да се забавуваме играјќи кошарка“- порачува еден од носителите на играта на нашата репрезентација во генерацијата 2001.