Селекторот Виктор Петровски ги сумира впечатоците по одиграните натпревари на првенството во Литванија, каде нашата женска јуниорска селекција го освои 18.место во крајниот поредок:
„Мислам дека реално, можевме да имаме уште некоја победа. Но ако тргнеме од почетната ждрепка, и групата која беше исклучително тешка, ако се земе в предвид на пример, дека две селекции од истата, Германија и Шведска, го играа големото финале на првенството, беа наши ривали во првата фаза, која го одредуваа понатамошниот тек на настаните на еден турнирски систем на натпреварување, ова е некоја наша реалност“ – смета Петровски.

Неспорен е податокот кој вели дека на првенството во Алитус и Вилнус, Македонија имаше и најмлад ростер:
„За разлика од другите репрезентации, игравме и со најмлад тим на првенството. Две кошаркарки имаат по 15. години, некои се на возраст од 16.години. Противниците беа, реално, физичко подоминантни во однос на нас, и со многу поголем број на ‘сантиметри’, односно висина.
Покажавме добри игри, без оглед на резултатите, јас немам никакви забелешки. Задоволен сум од процесот, задоволен сум од сите кошаркарки, дадоа се од себе за дресот на Македонија, и нè направија горди“- потенцира селекторот по завршувањето на шампионатот во Литванија.