07.08.2025

„Ако имаме подобра транзиција, можеме да ‘извадиме' и подобар резултат на гости“ – вели репрезентативниот бек пред дуелот со Унгарија

Виктор Ташовски пред мечот со Унгарија: „Јас ќе бидам оптимист, и ќе кажам дека одиме на победа“! (ВИДЕО)

Беше спремен да помогне на премиерниот меч од претквалификациите. И доби одреден број на минути од страна на селекторот Марјан Илиевски, ги одигра во рамките на своите моментални можности.

Виктор Ташовски е дел до бековската линија во сениорскиот тим, така ќе биде и на наредните мечеви. Првиот веќе на 9. август, во Солнок, каде и гостуваме на Унгарија, а и неколку дена подоцна, кога ќе го одиграме вториот меч против репрезентацијата на Романија, но на гостински терен, во Орадеа (13.август).

„На натпреварот со Романија одиграме релативно добро, но пресуди нашето неискуство. Сеуште сме многу млади, имаме некои играчи кои се во улога на дебитанти“.

Ако има некој „рецепт за успех“, Ташовски смета дека тоа, во прв ред, ќе биде намалување на грешките, присутни на премиерниот меч на „црвено-жолтите“ во Куманово.

„Во дуелот со Унгарија, треба да пробаме да ги намалиме грешките. Што помалку грешки, толку подобро. Мислам дека нашата транзиција беше делумно добра. И сметам дека ако имаме подобра транзиција, можеме да ‘извадиме и подобар резултат на гости“.

Можеби важиме за аутсајдери на дуелот во Солник, но нашиот репрезентативен бек, како и секогаш, делува оптимистички:

„Македонија треба да биде над своите можности. Веројатно ќе бидеме во улога на аутсајдери на овој натпревар. Но ништо не е нереално. Но јас ќе бидам оптимист, и ќе кажам дека одиме на победа. Како на натпреварот со Унгарија, така и на следното гостување во Романија. Не е нереално да се победи и таму, така да очекувам победа на двата меча“ – смета Ташовски.