03.03.2021

„Сметам дека сме на вистински пат“- вели првиот оперативец во федерацијата

Владимир Георгиевски: „Имаме добра иднина, треба да поставиме некои темели, да дадеме некој правец“

На прес-конференцијата во Конгресната сала на А1 Арената „Борис Трајковски“ во Скопје, посебен осврт на актуелниот момент во кој живее и работи македонската кошарка, говореше и генералниот секретар на нашата федерација, Владимир Георгиевски. 

„Би сакал да споделам некои работи поврзани, особено со овој последен квалификациски циклус. Мислам дека досега такви услови не биле воопшто обезбедени за ниту една селекција. Или доколку биле обезбедени претходно, биле во онаа шампионска селекција, онаа што ја кажуваме, од 2011 година.

Во дадениот момент, брзо, и најдобро што може, се пружи комплетна доверба на селекторот, како еден од неколкуте македонски тренери, кои ги немаме многу на број, а кои работат надвор од Македонија. Кој е добро запознат со кошарката кај нас, и со македонските услови. И секако со оние во Европа., како прва работа која би ја истакнал.

Друга работа, се избраа, во моментот, и најдобрите играчи, што впрочем и беше став и барање на селекторот, на кој и кога може да смета во овој квалификациски циклус. Сите играчи беа навремено контактирани на почетокот, но и во текот на целата сезона. Обезбедени беа сите критериуми, услови кои што ги побараа за тој временски период. Дали биле тука во Македонија, или оние неколкумина кои се во странство. Беа обезбедени сите услови, тука како пример морам да го споменам и врвниот кондициски тренер, кој е можеби еден до најдобрите во Европа, меѓутоа тука на Балканот сигурно, особено во однос на оние рехабилитациски услови кои ги побара стручниот тим за играчите. Тим составен од веројатно и најдобрите помошници-тренери кои работат кај нас. Никола Василев кој работи со успех во најдобрата лига на Литванија, потоа Ѓорѓи Кочов, Горан Самарџиев. Микс од најдоброто што во овој момент го располагаме“.

Сите говорат за своевидно разочарување од резултатот во квалификациите. Но генералниот секретар оди многу „понапред“ во размислувањата.

„Да додадам, не дека не е разочарувањето присутно кај нашата страна. Очекувањата беа големи, и тука сме каде што сме. Започнуваме процес на формирање на една селекција, во која што гледаме перспектива. И јасно ни е на сите дека имаше одреден простор помеѓу оние генерации кои ги направија успесите и  генерации кои доаѓаат. И сметам дека сме на вистински пат, со наша поддршка, но и со поддршка од вас како медиуми, спортска јавност, мислам дека имаме добра иднина, да поставиме некои темели, да дадеме некоја насока, правец... Многу беше важно, повторно тоа е мој впечаток, кој го делат и другите од раководството на федерацијата, е да се постави патека, да знаеме од каде тргнуваме, и во која насока да одиме.

Да резимирам, игравме против силни и респектабилни селекции. Естонија, репрезентација во чиј состав, оние условно кажано послаби играчи, настапуваат во Калев, тим кој се натпреварува во силната ВТБ лига, кој игра против екипи како  ЦСКА Москва, Химки... За италијанската и да не говориме, истото се однесува и за домаќинот Русија. Покажавме дека можеме да бидеме многу блиску и дека можеме да бидеме на вистинскиот пат. Односно полека да создадеме место за овие млади играчи, генерации кои што доаѓаат веќе да почнат да се развиваат во вистински носители на репрезентацијата“.

Програмата на федерацијата е јасна

„Сакавме да поставиме своевиден медиа ден. Стартувавме со тоа, но приликите во кои се најдовме, поврзани со пандемијата не дозволија да го реализираме тоа во некој континуитет. Не се откажуваме од таа практика.

Сметам дека некои 70-80% од работите кои што си ги поставивме пред нас, веќе ги исполнивме. Можеме иста таа програма да ја извадиме, и да кажеме кој, што и како го реализирал тоа. Некои работи не стигнавме да ги реализираме, делумно бевме спречени и поради оваа непосакуван период со коронавирусот. Факт е дека во месеците зад нас, за прв пат се соочуваме со една ситуација со која досега се нема соочено никој. Не само на овој простор, туку секаде, во европскиот простор... Се отвора сала, се затвора. Заболен ваму, заболен таму. Правила, пропозиции, има-нема натпревари. Дури и самата ФИБА е затекната од една таква ситуација. Оттука ние практично од изминатиот март, функционираме во некои вонредни околности и се бориме да можеме да го оддржиме она ниво. Значи да опстои спортот, да можеме да и помогнеме на кошарката што е можно повеќе, по разни основи. Овој период е многу тежок за функционирање. Дури и ќе кажам дека имавме обезбедено и главен спонзор на лигата. Но сето тоа се прекина во однос на спонзорите, се надевам, моментално. Со глед на приликите, сакаме да излеземе од оваа ситуација, и да се вратиме во некој нормален начин на функционирање, за да можеме да се вратиме на оној вистински колосек каде што бевме“.

Направено е доста во периодот кој е зад нас. Георгиевски најавува уште поголема реализација на планираните активности

„Можам да кажам дел од работите кои ги ветивме, веќе ги исполнивме. Како намалување на котизациите, секоја година доделување на реквизити, топки. Полека, заедно со со спортскиот директор, да ги оформуваме оние младински селекции, секоја од нив ќе се собира и ќе работи континуирано, а не само во одредени подготвителни циклуси. Обезбедивме сала каде што ќе можат да се одржуваат тие тренинзи. Имавме и мали проблеми таму, но веќе ги оставивме зад нас, ги надминавме. Обебедивме спонзор на младинските лиги. Обновен е веб-сајтот со секојдневни, нови информации од сферата на кошаркарскиот спорт, со посебен дел на домашната кошарка. Лиценцирањето на играчи веќе оди онлајн... Пристигнаа и оние 'паметни камери' кои во скоро време ќе бидат поставени, и ќе им бидат од голема помош на клубовите“.

Има многу работи, добри за кои вреди да се коментира.

„Секако, на пример, актуелните проекти кои ги реализираме заедно со Светската кошаркарска федерација, како што е „Her world, her rules“, дел од женскиот сегмент на кошарката, ни следува и интернационален семинар на ФИБА лиценцирани тренери кој треба да го реализираме во текот на летото во кое, како што знаете нè чека и организација на две Европски првенства во младинска конкуренција, што доволно говори за нашите одлични релации со ФИБА.

Сите учиме, и од ситуацијата и од работите, онаму каде што сме имале успеси, ќе продолжиме во таа насока. А некаде каде што нешто недостасувало во однос на работата, ќе пробаме тоа да го искорегираме и да го направиме тоа подобро, да биде онака како што треба, заеднички со вас, дали работите биле за пофалба или за критики. Да фатиме еден редослед на работите“.

Георгиевски говореше и за своевидната одговорност коај ја носи со себе секој раководен тим...

„Реално, а во однос на одговорноста, ние од 2015 година немаме учествувано на Европско првенство. Да не се навраќам наназад, за прв пат се квалификувавме на ЕП во фудбал, после толку години. Би требало да има некоја си одговорност доколку на било кој начин, нешто во овој циклус почувствувавме дека нешто не сме му овозможиле нешто на тимот, не сме им дале на играчите. Меѓутоа ќе повторам, од патувањата, до грижата за нив, како што знаете, во овие услови на функционирање, да се обезбеди чартер-авион, да се биде два дена порано на турнирот во хотелот во однос на ривалите, плус еднонеделни подготовки...

Го обезбедивме Вајли, и тоа да дојде една недела порано да биде со екипата, како условно кажано, странец во тимот. А за тоа како човек е, каков играч е, не верувам дека некој може да даде било каква замерка. Претходно имаше изјави од типот: ‘Еј од каде сега овој, којзнае од каде дојде’... Напротив, човекот докажа дека грешат во однос на тоа, на тие неосновани критики. Се уверивте сами, видовте, тој е меѓу петте најдобри играчи во последниот квалифиакциски циклус. Човекот се однесува како највеќе да ја сака државата. Сакам да кажам сето тоа се базира на анализа, на работа, на контакти. Не е тоа ништо случајно, верувајте...“- ја анализираше генералниот секретар на федерацијата, моменталната ситуација во нашата репрезентативна кошарка.