Сè е подготвено за завршниот турнир од кошаркарскиот Куп за 2021 година „Благоја Георгиевски Буштур“ во женска конкуренција.
Четири екипи, Бадел 1862, Крива Паланка, Баскет Кам и Вардар, ќе си ги одмерат силите во полуфиналните дуели закажани за претстојниот петок, а победниците од овие дуели, еден ден подоцна, ќе го одлучат освојувачот на Купот за 2021 година.
„Ми претставува особена чест да ја претставам завршницата на овој Куп која како што знаете ќе се одржи овој викенд односно 7. и 8. мај. Би сакал пред сè да им посакам добредојде и среќа на сите четири клубови кои ќе играат во полуфиналињата и потоа во финалето. Годинава Купот ќе се одржи со одредени новини. За првпат Купот е именуван по една наша легенда, по Благоја Георгиевски Буштур и од сега ќе го носи тоа име во негова чест. Годинава сте сведоци на едно силно првенство, гледаме нови засилувања, гледаме неизвесност и по една долга битка во државното првенство ги добивме четирите најсилни екипи кои ветуваат една неизвесна Куп-завршница“ – истакна Генералниот Секретар на КФСМ, Владимир Георгиевски.