21.11.2019

Во декември ги дознаваме противниците за младинските европски првенства

Би се рекло веќе вообичаено, уште еднаш и оваа зима, Минхен односно местото Фрејзинг ќе бидат во улога на домаќини на ждрепката на натпреварувачките групи за претстојните Европски првенства во младинските категории во „А“, „Б“ и „Ц“ Дивизиите, односно оние т.н. „мали земји“.

Викенд агендата во Германија, предвидена за 10, односно 11. декември ја носи долго очекуваната ждрепка по која ќе бидат формирани натпреварувачките групи за сите европски младински првенства, закажани за идната календарска година на распоредот на ФИБА.

Посебно внимание треба да донесе делот предвиден за креирање на групите за континенталниот собир од Дивизијата „А“ за играчи „под 16“ години, чиј домаќин е нашата федерација. Шампионатот во најсилното кадетско натпреварување е закажан за периодот 14-22 август, 2020 година, а КФСМ за град домаќин го пријави Скопје.

Покрај машката кадетска репрезентација КФСМ ги пријави за учество уште и младинската и јуниорската машка репрезентација односно женската кадетска и јуниорска репрезентација.    

Женското кадетско Европско првенство (дивизија Б) ќе се одигра од 17. до 26. јули во Сараево, Босна и Херцеговина.
Машкото јуниорско Европско првенство (дивизија Б) ќе се одигра од 24. јули до 2. август во Орадеа, Романија.
Женското јуниорско Европско првенство (дивизија Б) ќе се одигра од 3. до 12. јули во три града во Австрија – Оберварт, Гусинг и Фурстенфелд. Младинците ќе разигруваат на Европското првенство (дивизија Б) кое ќе се одигра од 10. до 19. јули во Тбилиси, Грузија.