14.02.2025

14.-15.02.2025

Во Купот никогаш не се знае однапред кој ќе биде победникот - почнува завршницата на Купот и во женска конкуренција

Ланскиот освојувач на трофејот од Купот „Благоја Георгиевски - Буштур“, екипата на Баскет Кам 2011 оваа година ќе ја има екипата на Бадел 1862 за противник во рамки на второто полуфинале од завршницата на Купот, екипа против која освои два трофеи од ова натпреварување, од вкупно три во клупските витрини. „Баделки“ беа најдобри во периодот од 2014 до 2017 година.Токму екипата на Бадел 1862 (во тоа време Вигор Скопје) е и најтрофејната во историјата на ова натпреварување. Популарните „вигорки“ досега освоиле девет трофеи, првиот во далечната 1996, а последниот во 2012 година. Двојки во првото полуфинале се екипите на Крива Паланка, која (за сега) е единствениот учесник од овие четири без Куп-трофеј во клупските витрини и екипата на Вардар која освои три пехари од националниот Куп, од 2017 до 2019 година. 

„Овој викенд не очекува Купот – натпреварување кое секогаш носи големи предизвици, но и големи шанси за успех. Сите знаеме дека на овие натпреварувања нема фаворит бидејќи секој од нив е финале. Во тимот владее одлична атмосфера, имаме одлична хемија. Ќе пристапиме со голема самодоверба, но и со почит кон противникот. Им посакувам среќа на сите“ – потенцираа од таборот на Крива Паланка.

Нивен противник, во рамки на првиот полуфинален дуел на денешната агенда е екипата на Вардар.

„Најпрво да им посакам еден одличен турнир на сите екипи. Да биде со фер и спортска игра! Што се однесува до женскиот кошаркарски клуб Вардар, знаете Купот како натпреварување бара поголема подготвеност на играчите. Ние се подготвувавме долго време за овој настап. Се надевам дека ќе помине во најдобар ред. Што се однесува до полуфиналето и финалето тоа се два различни натпревари. Одиме чекор по чекор. Првин ако успееме да го добиеме полуфиналето би било одлично. Го респектираме максимално противничкиот клуб Крива Паланка коишто се одличен тим. Склопија одличен тим со неколку странски засилувања и неколку домашни млади поискусни играчи. Меѓутоа ние веруваме во нашиот систем на работа, веруваме во нашите играчи што е најважно и мислам дека ќе се претставиме во најдобро светло. Би ја искористил оваа прилика и да ја повикам публиката да дојде во што поголем број. Знаеме како е да се игра пред полна сала, знаеме како е да се игра пред празна сала - да биде тоа поголем мотив и за девојките и за нас тренерите“ - посакаа од ЖКК Вардар.

„Пред се би сакал да ги поздравам домаќините и да им посакам успешна организација на завршницата од Купот „Благоја Георгиевски - Буштур“, да помине без инциденти како едно спортско и фер натпреварување. Мене лично ме задоволува тоа што после една пауза повторно сме на завршницата на Купот со оглед на тоа што сме најмлада екипа од сите четири претставнички на Купот. Воедно без ангажирање на странски играчи, значи исклучиво во ростерот со домашни, млади и талентирани играчи. Најстарата девојка ни е 25 годиниедна 21, две 20 и останатите се 16-17-18 години. Се подготвуваме, нормално во Купот никогаш не се знае однапред кој ќе биде победникот. Се зависи од денот, од инспирација, од мотивација. И покрај тоа што фаворитската улога ја префрламе на екипата на Баскет Кам која е една квалитетна и искусна екипа која подолг период игра со ист ростер со квалитетен тренер. Меѓутоа верувам во моите девојки дека ќе го остават срцето на терен и дека ќе дадат се од себе да направиме изненадување и да се пласираме во финалето. На сите екипи сакам да им посакам добра игра, среќа и секако здравје на учесниците.“ - завршија од Бадел 1862.

КУП НА МАКЕДОНИЈА – ЖЕНСКА КОНКУРЕНЦИЈА

ДОСЕГАШНИ ОСВОЈУВАЧИ

(година на одржување, град, шампион - вицешампион)

1993 година (прв по осамостојување), Скопје: Симекс Скопје – Ино Спектар
1994 година, Куманово: Тиквеш Флорида – Ино Спектар Студент
1995 година, Скопје: Студент – Тиквеш Флорида
1996 година, Скопје: Вигор Скопје - Студент
1997 година, Радовиш: Студент – Вигор Скопје
1998 година, Кавадарци: Вигор Скопје - Младинец
1999 година, Кавадарци: Тиквеш Фени Мак – Вигор Скопје
2000 година, Скопје: Вигор Бос Скопје – Водњански Лисици
2001 година, Охрид: Водњански Лисици - Вардар
2002 година, Охрид: Тиквеш – Профитнес Охрид
2003 година, Струга: Кимико – Вигор Скопје
2004 година, Струга: Кимико – Вигор Скопје
2005 година, Скопје: Кимико – Изградба Комерц М Скопје
2006 година, Струмица: Кимико – Изградба Комерц М Скопје
2007 година, Битола: Вигор Скопје – Водњански Лисици
2008 година, Кавадарци: Вигор Скопје - Младинец
2009 година, Охрид: Вигор Скопје – Билјана 006
2010 година, Делчево: Вигор Скопје - Младинец
2011 година, Скопје: Вигор Скопје – Вардар Младинец
2012 година, Делчево: Вигор Скопје – Клубски Делчево
2013 година, Делчево: Клубски Делчево – Кросиг
2014 година, Охрид: Бадел 1862 - Кросиг
2015 година, Скопје: Бадел 1862 - Лотос
2016 година, Гевгелија: Бадел 1862 – Лотос Скопје
2017 година, Кавадарци: Вардар – Бадел 1862
2018 година, Кавадарци: Вардар – Бадел 1862
2019 година, Гевгелија: Вардар – Бадел 1862
2020 година: Купот не се одржа
2021 година, Скопје: Баскет Кам 2011 – Бадел 1862
2022 година, Скопје: Баскет Кам 2011 – Бадел 1862
2023 година, Скопје: МЗТ Скопје Аеродром – Баскет Кам 2011
2024 година, Скопје: Баскет Кам 2011 - МЗТ Скопје Аеродром