07.11.2022

Репрезентативниот бек заработи скршеница на палецот на десната рака по што следува едномесечна рехабилитација

Во ноемврискиот ФИБА „прозорец“ без Кристијан Николов

Кристијан Николов нема да биде дел од нашиот национален тим за претстојните два натпревари од претквалификациите за Евробаскетот 2025.

Бекот на турскиот прволигаш Коњаспор на еден од последните тренинзи заработил повреда поради што мораше да го откаже својот настап во националниот тим за дуелите со Норвешка (10.ноември) и со Данска (13. ноември).

„За жал нема да бидам во можност да им помогнам на своите репрезентативни соиграчи на овие два натпревари. Имам повреда, односно скршеница на палецот на десната рака, тоа го потврдија и првите снимки. Во петок имам уште една лекарска контрола со која докторите треба да ја одредат дефинитивната слика и да почна со рехабилитацијата. Извесно е дека ќе бидам надвор од теренот во наредните четири недели. Ќе видиме понатаму, се надевам дека се ќе биде во најдобар ред. Ќе бидам најголем навивач на нашата репрезентација на средбите со Норвешка и со Данска. И се надевам дека ќе ја продолжиме успешната серија и во овој прозорец на патот кон евро-квалификациите“- порачува Николов од Турција.