Поради меѓународните обврски на поголем број на играчите на МЗТ Скопје Уни Банка,во текот на викендот, денеска се одигра последниот натпревар од 8. Коло од Првата лига.
Во СЦ „Јане Сандански“ вториот тим на МЗТ Скопје се сретна со екипата на Пелистер.
МЗТ СКОПЈЕ УНИ БАНКА – ПЕЛИСТЕР 77:86
(16-16; 23-29; 20-27; 18-14)
Домашните кошаркари многу подобро го отворија мечот во СЦ „Јане Сандански“. Предводени од расположениот Мамузиќ, кој нанижа осум поени, во тој прв период, „сино-белите“ поведоа со (11:4), го натераа противничкиот тренер Илиевски да побара тајм-аут по нецели три минути. Младите „металци“ имаа водство и од пет поени (16:11), но серијата од (9-0) ги донесе гостите од Битола до првата предност (20:16), во уводната минута од втората четвртина. Период во кој прво Пенов, потоа Голубовиќ и Мекиќ се погрижија Пелистер да има и двоцифрена предност (31:21), потоа и повисоки (42:31), па и (45:33).
Но во серија влезе Исајловски, кој со две последувателни тројки од далечина ги постави оние (39:45) на полувремето.
Мамузиќ, Исајловски и Митевски исмомбинираа 30.поени на домашната страна, додека пак освен Пенов кој беше двоцифрен со 11. поени, во тој прв дел од играта, Мекиќ запиша осум, а Голубовиќ уште шест поени.
Второто полувреме донесе многу поефикасна, поточно попрецизна игра на „пелистерци“, кои значително го зголемија процентот на реализација. Видливо на резултатот, во кој придодадоа седум поени вишок. И на истекот на третата четвртина повторно се вратија на оние двоцифрени, комотни (72:59).
Имаа и највисоки (76:59), во 33.минута, макар што на четири минути пред крајот, домашната екипа дојде на -10, (68:78). А тројката и поентирањето на Волкановски за (73:80) сепак донесоа и минути на драматика.
Но сето тоа брзо го смирија Мекиќ и Пенов, за (84:73) и потврда на победата.
Репрезентативецот Адем Мекиќ во дресот на Пелистер реализираше „трипл-дабл“ 21 поен, 12 скока и 11 асистенции, Казарновски имаше 19, а Пенов 18 поени. На другата страна Д.Митевски даде 15, а Мамузиќ еден поен помалку.
Ова беше третата победа за битолчани во осум одиграни кола со која сега со ефект (3-5), се на седмата позиција на табелата.
МЗТ Скопје Уни Банка пак останува на „нула“, односно максимален број на порази.