11.04.2023

Дека спортот обединува, вечерва во Солун покажаа машките кадетски селекции на Македонија и Грција, домаќините победија со минимални (68:67)

Во пријателски натпревар, грчките кадети за поен подобри од македонските (ФОТО)

Машката комбинирана селекција на Македонија на играчи „Под 16“ години вечерва во Солун, го одигра првиот од двата предвидени пријателски натпревари со селекцијата на Грција. На нешто повеќе од три минуити имавме предност од девет поени, но на крајот, триумфот остана за домаќините.

ГРЦИЈА – МАКЕДОНИЈА       68:67

Сосема израмнето се играше во првиот период од дуелот во Солун. Нашите млади кошаркари беа во постојан резултатски егал. Во седмата минута, по реализацијата на Петровиќ, резултатот беше нерешен (13:13), а поените на Ефтимовски, ни го донесоа и водството (15:13). Сепак, со пет поени во серија, Грција ја доби таа четвртина со (18:15).

Нашите млади кошаркари продолжија со добрата игра и во втората четвртина. Во 15. минута, Македонија одново го презема водството. Минути во кои скоро без грешка во нападот играше Најков (погоди четири тројки од исто толку обиди). А по тројката (петта тимска) на Нешовиќ, по која парцијално, во пет минути имавме (14-7), поведовме со (29:25).

Таа позитива ја имавме и во 17.минута, кога погоди Симиќ, и постави (32:28). Колку беше израмнет овој натпревар говори и резултатот на полувремето (34:34).

Нашата комбинирана кадетска селекција, предводена од селекторот Александар Јованчев и неговиот асистент Кристијан Шумковски, продолжи уште подобро. Пред се во одбраната, која на средината на третата четвртина ја донесе Македонија во водство од шест поени, (48:42). Не се задоволивме со таа предност. По тројката на Ѓорѓевиќ, и реализацијата на Ивановски, во 28.минута, македонските кадети имаа и највисоки (53:44).

Тој одличен период го затворивме со поените на Симиќ, за (55:48).

Во последниот, грчката селекција се врати. Со серија од (9-3) реализирана во првите четири минути, домаќините намалија на (57:58). Но Најков, нашиот најефикасен играч, со пет поени во серија, го одби тој напад, Македонија имаше солидна позитива од (63:57). Следуваа поените на Марјановиќ (четири во серија), по кои на 3:17 минути пред крајот, ја вративме високата позитива (67:58).  

Но до крајот на натпреварот не успеавме да поентираме, домашната селекција направи серија од (10-0), што беше доволно за минимална победа.

Активностите на машката кадетска селекција се благодарение на одличната соработка помеѓу претседателот на Македонската кошаркарска федерација, Перо Антиќ, со првиот човек на кошаркарската федерација на Грција Вангелис Љољос, со кого во изминатиот период беа одржани неколку работни состаноци.

Благодарност и до Агенцијата за млади и спорт и директорот Наумче Мојсовски за неизмерната поддршка за остварување на реализираните активности.

Инаку, двете кадетски селекции утре попладне, ќе одиграат уште еден натпревар. Закажан е за 16.часот, (по македонско време) на истото место.