Во тешка сообраќајна несреќа која се случила вечерва загина македонската кошаркарска величина, Благоја Георгиевски.
Според првичните, инаку неофицијални информации, несреќниот момент се случил во скопската населба Кисела Вода, поточно кај сервисот „Скендеровски“.
Благоја Георгиевски е роден на 15. октомври во Скопје. Најголем дел од својата играчка кариера ја помина во Работнички, клуб со кој се натпреваруваше во Првата југословенска кошаркарска лија. Во сезоната 1975/76 популарниот Буштур, заедно со Работнички, стигна и до полуфиналето на Купот на победниците на Куповите.
Георгиевски беше и член на младинската репрезентација на Југославија. А со таа селекција, предводена од Лазар Лечиќ, Буштур ја освои Балканијадата во Ријека одржана во 1970 година. За време на младинското Европско првенство во Атина, нашиот кошаркарски великан го освои четвртото место.
Во 1971 година, беше дел од југословенската сениорска репрезентација која настапи на ЕП во Западна Германија, каде се закити со сребреното одличје.
Георгиевски беше учесник и на Летните Олимписки Игри, прво на оние во Минхен, во 1972 година, а потоа и во 1976 година кои се одржаа во Монтреал. Како составен дел на популарните „сини“, Буштур стигна до олимпиското сребро, што е најголемиот резултат на еден македонски кошаркар во историјата на овој спорт.
По осамостојувањето, Георгиевски работеше и како тренер. Беше и селектор на македонската сениорска репрезентација, и прв генерален секретар на Македонската кошаркарска федерација,
Беше член на Управниот Одбор и на Собранието на Македонскиот Олимписки комитет, претседател на Олимпискиот Совет при МОК, а беше и потпретседател на највисоката спортска институција во нашата земја.
Член е на Клубот на Великаните на Македонскиот Олимписки комитет од 1997 година.
Ова е втора кошаркарска трагедија за кратко време по онаа во која кошаркарскиот свет остана без уште еден великан на светската кошарка – Коби Брајант, кој загина во хеликоптерска несреќа.