02.05.2023

Наместо во „стандардната“ арена „Саку Суркаск“, турнирот се сели во „ледената сала“ која има капацитет од 7.700 гледачи

Во Талин ќе играме во хокеарската арена „Тондираба“

Во псоледните неколку години наназад, извесно е, не можеме да „побегнеме“ од Талин и Естонија, барем кога се во прашање оние мечеви на нашите сениорски национални селекции.

И ова лето нема да биде исклучок, Естонија е еден од нашите противници во „А“ претквалификациската група за пласман на Олимписките игри 2024 година во Париз.

Освен тоа, нашите сениори уште еднаш ќе патуваат за Талин, главниот град на оваа балтичка земја, каде од 12. до 15. август, ги очекуваат настапите на турнирот на кој освен овие две селекции, ќе учествуваат и националните тимови на Чешка и на Израел.

Федерацијата на Естонија која ја доби организацијата на овој настан, според нив, најголемиот во кошарката во последно време, информира дека натпреварите на овој турнир ќе се играат во Арената „Тондираба“.

Ледената сала „Тондираба“ е повеќенаменски комплекс на затворена арена во главниот естонски град. Отворена е на 1. август 2014 година и е во сопственост на градот Талин. Има моментален капацитет од 7.700 гледачи. Иако се води како „хокеарска“, оваа сала  може да биде организатор, меѓу другото, и на кошаркарски натпревари, на кои во улога на домаќин е локалниот прволигаш Калев Крамо.

Ќе се игра во три натпреварувачки денови. На 12. и 13. август, наредниот, 14. август е предвиден за одмор, а третото и последно коло, ќе се игра на 15. август.

Распоредот на натпреварите на овој претквалификациски турнир ФИБА ќе го објави дополнително.

А веќе се знае дека пакет-влезниците за натпреварите во оваа претквалифиакциска група ќе чинат 59 односно 79 евра.

Претходно, нашиот сениорски национален тим, за време на квалификациите за Евробаскетот во 2023 година, играше во т.н. „балон“ во Талин, но во другата Арена, „Саку Суркаск“, каде обично Естонците беа во улога на домаќини кога станува збор за нивната машка сениорска репрезентација.