05.06.2023

„Од првиот момент, публиката во Задар ми скандира-ше: ‘Тодоре, Тодоре, Тодореее’. Тоа и ме поттикна да го направам ова“

Во вистинско време, на вистинско место, Адем Мекиќ „потсети“, што е Тодор Гечевски за Задар

Дали е Адем Мекиќ, или „Под Вишњик“ повторно се појави Тодор Гечевски?

Една убава слика се појави во неделата навечер во „храмот на кошарката“ во Задар. Ја направи нашиот актуелен репрезентативец, Адем Мекиќ.

На вистинско место, во вистинско време, го оживеа митот на задарската, на македонската кошаркарска легенда, Тодор Гечевски.

Макар и за момент, уште еднаш, фановите на Задар се „потсетија“ дека имаат уште еден Македонец во градот, актуелен репрезентативец, кој си најде свое „место под сонцето“...

А освен тоа се награди за сето вложено во месеците кои се зад нас.

Се враќа дома, во Скопје, како шампион, на една кошаркарска земја каква што несомнено е Хрватска, што и не е така мала работа.

Но она што го направи пред девет илјади верни членови на „Торнадо“, тоа се граничи со нешто што може да се опише и како грандиозно.

Барем за задарската кошаркарска публика...

„Пред се сакам да му ја честитам титулата на  МЗТ Скопје, каде што ја почнав оваа сезона. На моите соиграчи, на целиот стручен штаб, и на целата организација во клубот од Аеродром.

Што се однесува до мене, пресреќен сум, особено што можев да ја почуствувам сета оваа еуфорија која ја создава градот Задар, при освојување на некоја титула, без оглед на тоа дали била шампионска титула, Куп, или нешто трето. Едноставно, навистина е неверојатно чувството да се биде дел до една ваква организација, и клуб со една ваква традиција, кој од вчера е првак на Хрватска. Немам зборови да опишам што се случува тука. Би сакал и други мои соиграчи да го доживеат ова што јас го почуствував и сеуште го чувствувам како припадник на Задар“- опишува, или се обидува да го направи тоа македонскиот репрезентативец.

Она што го направи за време на свечената церемонија Адем вели дека тоа е признание, знак на почит за навивачите на Задар што направиле за него од денот на доаѓањето во овој град на Јадранот.  

„Многу добро знам што Тодор Гечевски значи, не само за овој град, туку и за нашата кошарка. Веројатно малку луѓе кај нас знаат, што и не е така чудно дека овде бев прифатен како Тоше. Од првиот момент публиката во Задар ми скандира-ше: ‘Тодоре, Тодоре, Тодореее’. Тоа и ме поттикна да го направам ова, што, ете, и донесе дополнителна димензија на прославата. Секој кој професионално се занимава со кошарка, со спорт, воопшто, посакува да му се случуваат вакви моменти. Ќе останам да уживам во сето она што ни се случува“ – порачува Мекиќ од Задар.

Сега како хрватски првак, за што искрено, му честитаме!