17.03.2020

Војдан и Стојан се враќаат дома, во Скопје ќе ја чекаат разврската

Со оглед на тоа дека и официјално ПРО А и ПРО Б лигите ги суспендираа сите наредни активности, а по првата клупска препорака, македонските репрезентативци ја напуштија Франција...

 

И покрај оние првични препораки кои ги добија од клубовите, а се граничеа со продолжување на престојот во Данкерк, односново Евре, сепак, во меѓувреме дојде до промена на плановите кај Војдан Стојановски и Стојан Ѓуроски.

Нашите репрезентативци на „привремена работа“ во Франција се ослободени и од понатамошните обврски кон своите клубови.  

Стојан Ѓуроски од синоќа е во Македонија... Се обидува да ја појасни ситуацијата во која се најде во изминатите денови...

„Се некако се случи набрзина, 0собено по онаа првична информација дека до следното, остануваме. Во клубот ја сфатија ситуацијата како доста сериозна, па на сила дојде една друга одлука која вели дека сме ослободени од понатамошните обврски“- вели крилото на нашиот национален тим. 

 

Од оваа „перспектива“, Ѓуроски не ја знае иднината како играч на Евре.

„Во овој момент, што е и сосема реално, нема човек во Евре кој со сигурност може да каже што е следно на ред. И не само во клубот, секако и многу подалеку. Според мене, тешко дека лигата ќе продолжи во некое догледно време. Не само кај нас, и другите клубови ги ослободија сите странски играчи. Сепак играчите се на прво место“.

 

Согласно со тоа треба да биде и оној финансиски ефект?

„Се работи за сериозна држава, во која се е работа на договор. Добивме уверување дека тука нема да има никаков проблем, дури и лигата да биде суспендирана, играчите ќе си го добијат заработеното, односно она што го пишува во договорите, кои се осигурени, дури и за вакви непосакувани ситуации на виша сила“- појаснува Ѓуроски пред да „влезе“ во задолжителниот карантин кој мора да го поминат „повратниците од странство“.

 

Војдан пак, мораше да „преспие“ затоа што неговиот авионски билет беше „чекиран“ за еден ден подоцна. Односно за денеска, во попладневните часови.

Ниту капитенот на нашиот сениорски состав не е премногу убеден дека во Франција ќе се игра кошарка оваа пролет.

„А кој да каже со сигурност што ќе се случува понатаму?“ – прашално одговара Стојановски.„Иако првично беше дека треба да останеме, сепак, одлуката на клубот е да ги ослободи сите странци. Да си заминат дома, во оваа криза, да бидеме дома со семејствата, што веројатно е и најдоброто можно решение, ако може да се каже така. Заминувам за Скопје со една голема непозната, што и како со лигата во Франција понатаму. Јасно е, здравјето е пред се, па и пред играњето на кошарката, она што најдобро знаеме да го работиме, барем јас. Доаѓам дома, ќе ја чекам во Скопје разврската на ситуацијата, со надеж дека сето ова брзо ќе се смири и дека ќе им се вратам на работните обврски“- порачува капитенот пред тргнувањето за родната земја.