29.09.2020

Втор пораз на тимот од Данкерк, и Лимож многу подобар од „морнарите“ (77:65)

Војдан почна без грешка, ама тешка ќе биде сезоната за Гравелин

Кошаркарите на Гравелин продолжуваат со лошите игри на почетокот од новата сезона во француската ЛНБ лига.

Во второто коло за противник го имаа составот на Лимож. И пред своите гледачи, ги имаше околу една третина во гледалиштето од салата „Спортика“ во Данкерк, загубија со подносливи (65:77).

Уште еднаш, слично како и на уводниот меч против Левалоа, „морнарите“ имаа многу лош почеток. Дадоа само девет поени во првата четвртина, а примија 17.  Беа нешто подобри во вториот период во кој реализираа 21, но противникот имаше веќе 45.

Војдан Стојановски, кој не беше во стартната петорка, реализираше пет поени во тој дел од играта. А за десет минути ги погоди двата обиди од поле (1/1 за три и 1/1 за два поени). Имаше и два скока и по една освоена, односно загубена топка.

Ништо подобро не беше изданието на Гравелин во продолжението од натпреварот. Гостите од Лимож се стекнаа и со предност од 22.поени (57:35), на средината од третата четвртина во која Стојановски додаде уште два поени.

До крајот на натпреварот, Гравелин ја симна негативата на едноцифрена, а капитенот на нашиот национален тим дојде до ефект од поени (1/3 за три, 2/2 за два поени), два скока и една асистенција за 14:39 минути во игра.