На грбот на репрезентативниот капитен, Војдан Стојановски, МЗТ Скопје Аеродром си запиша уште една шампионска титула во својата клупска историја освојувајќи ја двојната круна во домашното првенство откако пред неколку месеци го подигна и преодниот трофеј од државниот Куп „Благоја Георгиевски - Буштур“.
Репрезентативното крило, и капитен на нашата најдобра машка национална селекција, беше видно расположен во финалната серија од плеј-офот, водејќи ги своите соиграчи на паркетот до сигурна победа која ја запечати судбината на „металците“ во завршницата од оваа натпреварувачка сезона.
Тој, ја 'отвори' финалната серија со 11 поени, девет скока, две асистенции и две украдени топки на првиот натпревар, кој МЗТ го доби со 84-64.
Следеше експлозија во вториот натпревар од оваа низа, односно 23 поени, три скока, четири асистенции и пет украдени топки (МЗТ - Пел 75-67).
И, секако, на последниот натпревар во оваа серија кој заврши со 83-92, Војдан запиша неверојатни 33 поени, седум скока, две асистенции и една украдена топка.