31.07.2023

Освен носителите на играта, на тренинг во СРЦ „Кале“ и некои млади репрезентативци

Војдан Стојановски и Ненад Димитријевиќ му се приклучија на сениорскиот национален тим (ФОТО)

Почетокот на втората работна недела од подготовките донесе доста нови, и добри моменти за нашиот машки сениорски национален тим.

На тренингот во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје и капитенот на нашата сениорска репрезентација, Војдан Стојановски, како и повратникот помеѓу „црвено-жолтите“, Ненад Димитријевиќ.  

За многу подобро расположение во стручниот штаб предводен од селекторот Александар Јончевски, а кое се очекува да биде на уште повисоко ниво, ако се земе в предвид дека вечерва во Скопје треба да пристигне и Ти-Џеј Шортс, уште еден од нашите големи адути во пресрет на главните активности ова лето – претквалификациите за Олимписките Игри во Париз кои нашата најдобра селекција ќе ги игра во Талин односно, или евентуално оној втор круг, во Гљивице.

Сепак, за да не биде се баш идеално, барем во овој момент, е информацијата која вели дека на повреда на ногата се пожали Виктор Ефремоски. Поради неизвесноста која со себе го носи овој нов момент, селекторот Јончевски се одлучи во работата со националниот тим да го приклучи Марко Миловановиќ, дел од генерацијата на играчи родени 2002 година, во која е и Андреј Андоноски, кој е исто присутен на подготовките за турнирот во Талин.

Но Миловановиќ и Андоноски не се и единствените од таа „млада гарда“, ако се земе в предвид дека првиот дел од подготовките ги одработува и Петар Бошалески, член на селекцијата „Под 20“ години која пред неполн месец се избори за второто место, и пласман во „А“ Дивизијата на првенството одржано во Скопје.  

Освен тоа, во тренажен процес одново е и Теодор Симиќ, кој ги надмина здравствените проблеми, па во овој момент Јончевски и неговите асистенти Василев и Велев, сметаат на вкупно 11. кошаркари, кои и, многу извесно, ќе го пополнат и ростерот за натпреварите во Талин, каде за противници ги имаме репрезентациите на Чешка, Израел и Естонија.