Македонија ќе игра во квалификациите за Евробаскетот во 2025 година. Македонија заврши на првото место од групата Д“ од втората рунда од претквалификациите.
Пет победи и еден пораз во шест одиграни мечеви во изминатите три ФИБА „прозорци“ беа гаранција за успех, за реализација на плановите на нашите најдобри кошаркарки, кои и во овој циклус успешно ги предводи капитенот Војдан Стојановски.
Беше на капитенското ниво Војдан и на одлучувачкиот натпревар, оној одигран во недела навечер во Осло. Не само поради реализацијата на 16 поени надополнети со пет скока, две асистенции и две освоени топки за „само“ 24:34 минути. Само од причина што и немаше потреба за Стојановски да остане подолго на теренот во Арената „Нордстранд“.
„Имаше некоја доза на вознемиреност откако дознавме дека Словачка стигна до драматична победа во Данска, неспорно, но и ништо страшно. Но, искрено, се чини дека тоа беше и дополнителен мотив кај сите нас, дека се е во нашите раце на средбата во Осло. Влеговме во натпреварот како што и посакувавме, многу подобро од онаа средба во Левице, кога му дозволивме на противникот шутерски да се отвори и да ни даде 15 тројки. Норвежаните се познати по добриот шут за три поени, и интенција ни беше да ги спречиме нивните главни шутери. Можеби оваа средба во Осло заличе на онаа од Гевгелија, кога навистина ги исполнивме сите задачи во дефанзивата, каде и посветивме доста поголемо внимание. Добриот почеток беше основа и за добра игра“ – анализира Стојановски.
И играњето „под притисок“ не донесе и дополнителни проблеми во реализација на планираното на теренот.
„Она што е извесно е дека оваа екипа покажа карактер. Јасно е дека не беше лесно да се ‘префрлиме’ во Осло по оној пораз во Левице. Но игравме со уште поголема верба во сопствените можности. А како одминуваа минутите на површина излезе и нашиот квалитет. Реално доста поголем од оној кој го имаат Норвежаните. Ниту во еден момент не им дозволивме да се надеваат на некое изненадување, и мирно го привршивме натпреварот во кој ја оправдаме улогата на фаворит“ - дополнува еден од најискусните во ростерот на „црвено-жолтите“.
Тука не застануваме, предводникот на нашата сениорска репрезентација, посакува да го направиме и оној друг, решавачки чекор. Македонија повторно да биде учесник на едно големо натпреварување какво што несомнено е Европското првенство:
„Токму така, откако ги поминавме овие два круга, не застануваме, одиме понатаму. Мислам дека со една добра ждрепка, и системот за натпреварување кој вели дека три од четирите селекции учесници во групната фаза од квалификациите одат на Евробаскетот, имаме шанси, кои се реални. Имаме доволно време до следните активности, мислам дека ќе играме и олимписки претквалификации кои треба да бидат добра подлога за она што следува во оние вистински квалификации за Европското првенство. Битно е да сме комплетни, да бидеме здрави, во добра натпреварувачка форма, не се сомневам дека ќе го дадеме својот максимум на секој нареден натпревар“- порачува капитенот по успешно реализираните задачи во овие европски претквалификации.