Македонија ги доби Шпанија, Грузија и Украина, а во следната фаза продолжуваат првопласираните три репрезентации. Првата фаза ќе се игра во ноември, февруари и јуни, а капитенот смета дека токму тоа што ривалите нема да бидат комплетни е една од нашите адути.
Капитенот на македонската репрезентација Војдан Стојановски е оптимист кога станува збор за шансите на нашиот национален тим во квалификациите за Светското првенство.
„Мислам дека не сме без шанси во оваа група. Од противниците, само Украина ќе биде комплетна, додека за Шпанија и Грузија нема да играат најдобрите кошаркари. Веројатно Украинците ќе ни бидат ривал за третото место. Таму полека се враќа популарноста на кошарката, домашната лига е се посилна, но сметам дека можеме да парираме и да ги победиме. Клучно ќе биде со кого играме во јунскиот прозорец бидејќи тогаш на располагање ќе бидат и евролигашките и НБА играчите“- коментира Стојановски по ждрепката во Мие.