23.04.2020

Војдан Стојановски за актуелниот момент: Што ни преостанува освен да чекаме добри вести!

„Засега нема дефинитивна одлука. Не се знае што и како ќе се одвиваат работите. Но мое лично убедување е дека лигата нема да продолжи“...

 

И тој е еден од оние кои оваа сезона ќе ј паметат како турбулентна. Само што ја пронајде својата препознатлива форма како играч на По Ортез, а ја подигна во дресот на Гравелин Данкерк, Војдан Стојановски мораше да прекине со тие активности кои го вратија во некоја играчка „нормала“ по онаа пауза на стартот на сезоната кога беше без професионален ангажман.

Наместо крај на сезоната во најдобрата француска лига, капитенот на македонската сениорска репрезентација, сега е во некоја “стенд-бај“ ситуација.

Чека вести, по можност добри, околу иднината...

А што работи во овој момент лидерот на нашиот национален тим?

„Условно кажано, ништо. Чекам информации, официјални, од Франција, да соопштат нешто поврзано со лигата. Засега нема некоја дефинитивна одлука. Не се знае што и како ќе се одвиваат работите. Но мое лично убедување е дека лигата нема да продолжи. Едноставно нема како, ако се земе в предвид големиот број на странски кошаркари, посебно оние од САД, кои реално, тешко ќе се вратат во Франција во една ваква ситуација. Плус оние законски рамки кои со себе ги има секоја држава во светот, пооделно. Многу поверојатно е дека следната сезона ПРО А лигата ќе брои 20.тимови учесници“- појаснува Стојановски.

 

Пречка плус претставуваат и професионалните договори кои играчите ги имаат со клубовите. Во најголем број на случаи, исто како и во оној на Стојановски, истекнуваат во или на крајот на јуни, а предлогот на раководството на ЛНБ е ако постојат шанси, лигите да продолжат во септември.

„Ние сеуште не знаеме ниту како ќе оди исплатата на платите за април и за мај. Првично беше дека ќе нè исплатат целосно, и дека стојат зад таа одлука. Ќе видиме, што и да одлучат, ние мора да го почитуваме тоа“.

 

Војдан не верува дека ќе има проблеми на тој финансиски план. Има и реална „подлога“ за тоа.

„За се може да се најде договор, секако под услов да се сака тоа. Сега излегоа и препораките на ФИБА. Но не верувам дека ќе се оди до таа мерка, на некои драстични намалувања на платите. Во Франција постои синдикат, и тоа доста добар, на професионални играчи. Без нивно учество во договарањето, ЛНБ не може да донесе никаква одлука. Како добро се организирани, говори и тоа дека постојано добиваме прашалници, анкети, што, како и дали сакаме ние да продолжиме со играње, колку ќе бидеме подготвени после тоа... Јасно и поради што, од ваков непланиран ‘одмор’ постои опасност за повреди. Едноставно играчите имаат заштита, имаат силен синдикат. И она што е уште поважно би рекол, нема подвојување. Сите играчи се третирани подеднакво, дали станува збор за домашни или за странци“.

Секако, предводникот на „црвено-жолтите“ не заборава на своите професионални обврски во оваа несреќна ситуација.

„По онаа самоизолација по враќањето од Франција, повеќе тренирам во некои, би ги нарекол, ‘домашни услови’. Дома имам ‘мини-теретана’, па тоа ми е добро за одржување на формата, макар и во едни вакви услови. Има време за трчање, цело лето е пред нас. Сите овие работи дефинитивно нè пореметија, но ќе ги надминеме“- верува Војдан Стојановски.