01.07.2021

Првиот дел од подготовките ќе биде реализиран во салата „Независна Македонија“ во Скопје

Воведни тренинзи на женската селекција „Под18“ години

Некој ден по официјалниот почеток на подготовките на младинската, следуваше и почетокот на подготовките на женската репрезентација „Под 18“ години.

Кандидатките за место во овој наш национален тим, преводени од селекторот Јелена Антиќ и нејзините асистенти Славица Наков и Благоја Трифуновски, веќе ги „трчаат“ првите километри од тренажниот процес кој треба да ги направи подготвени за она што ги очекува во текот на ова лето.

Настап на ФИБА „Челенџер“ турнирот кој од 27.јули до 1.август ќе се одржи во Софија. Во тој период во главниот град на Бугарија нашата женска јуниорска репрезентација ќе игра во групата „Д“ во која се уште и репрезентациите на Словачка, Украина, Бугарија, Швајцарија и Албанија.

„Со оглед на тоа дека на почетокот на подготовките не сме во комплетен состав, првите тренинзи ги искористивме да направиме вовед во кондициската подготовка на девојки, како и работа на подобрување на индивидуалните способности“- вели Антиќ по првите одработени тренинзи. „Мораа да го пофалам максималното залагање на сите присутни кошаркарки во овие уводни тренинзи. Максимално се трудат да ги реализираат сите поставени задача на тренинзите. Се надевам дека до крајот на оваа работна недела ќе имаме и уште повеќе кошаркарки на тренинг, а дека од наредната ќе бидеме целосно екипирани и ќе можеме да му се посветиме на оној друг дел, тактичко-техничкиот, потребен за одигрување на натпревари“.

Во таа насока, Антиќ и нејзините соработници предвидоа и некои „контроли“.

„Договоривме да играме против селекцијата ‘Под 20’, чекаме потврда за одигрување и на некои мечеви со соодветната селекција на Бугарија. Се надевам дека ќе ги реализираме, и дека подготовени ќе ги дочекаме настапите на ‘челенџерот’ во Софија пред крајот на овој месец“- дополнува Антиќ.