11.04.2019

Време е за КУП 2019!

Секој учесник на завршниот турнир од државниот Куп посакува фер-плеј и одлична игра, но посакува и да го подигне победничкиот трофеј. 

Дваесет и седмото издание на завршниот турнир од Куп-натпреварувањето ќе започне да се одигрува утре (петок, 12. април 2019 година), а в недела попладне ќе го даде името на освојувачот на посакуваниот трофеј, во машка и во женска конкуренција.

Кошаркарите ќе започнат први да се надигруваат. Четвртфиналните пресметки започнуваат во 13:00 часот, а ќе завршат нешто пред полноќ. Блокотехна ќе се надигрува со АВ Охрид, Работнички со Куманово (15:15), МЗТ Скопје Аеродром ќе започне да го брани ланскиот трофеј против Кожув (17:30), а Гостивар и Фени Индустри ќе ги заокружат четвртфиналните дуели (20:15).

Победниците од дуелите помеѓу Блокотехна и АВ Охрид односно Гостивар и Фени Индустри ќе вкрстат во првата полуфинална пресметка, закажана за сабота со почеток во 17:30 додека победниците помеѓу МЗТ Скопје Аеродром и Кожув односно Работнички и Куманово ќе разигруваат во вториот полуфинален дуел, закажан за во 20:15. Победниците од полуфиналните натпревари ќе разигруваат во финалето, закажно за в недела (14. април) со почеток во 17:30. Сите натпревари во машка конкуренција ќе се одиграат во спортската сала „26 април“. 

Во женска конкуренција пак, дамите ќе ги започнат пресметките в сабота во спортската сала „Негорски Бањи“ со почеток точно напладне. Први ќе се надигруваат Бадел 1862 и Струга 2009, а во 14:15 часот ќе се пресметаат Работнички и Вардар. Финалето во женска конкуренција е закажано за в недела (14. април) со почеток во 14:30. Финалниот натпревар ќе се одигра во спортската сала „26 април“.

Првите два четвртфинални натпревари во машка конкуренција кои ќе се одиграат в петок, како и двата полуфинални натпревари во женска конкуренција кои ќе се одиграат в сабота ќе бидат пренесувани во живо на МОК ТВ. Линковите до преносот можат да се најдат на насловната веб-страницата на МКФ. Преостанатите натпревари ќе бидат пренесувани во живо на првиот програмски сервис на националната телевизија (МРТ).

Со среќа на сите учесници на Купот! Нека победи најдобриот!