Екипата на Ангели ќе игра во финалето на плеј-офот за пополнување на двете места во Првата лига-мажи за наредната натпреварувачка сезона 2021/2022.
По триумфот од (65:62) на свој терен, против екипата на Чаир 2030, ја затворија полуфиналната серија со максимални (2-0), доволно да го обезбедат статусот на прволигаши.
Иако имаа постојана резултатска предност, кошаркарите на Ангели дозволија гостите од Чаир да стигнат до егал резултат, а последните мигови да го одлучат победникот на средбата во салата „Независна Македонија“ во Кисела вода.
Кој ќе им биде противник во финалето, кое ќе има ревијален карактер, ќе биде познато по одигрувањето на третиот дуел во серијата помеѓу екипите на Партизан Водно Санс и Феникс 2010.
Кошаркарите на Партизан Водно Санс се издигнаа по дебаклот во првиот меч од серијата, и на осум секунди пред крајот стигнаа до водството (73:72), кое го одбранија, и на тој начин изедначија во серијата на (1-1), која сега се сели одново на теренот на Феникс 2010, каде ќе се игра т.н. „мајсторка“.
ВТОРА ЛИГА-МАЖИ
ПЛЕЈ-ОФ-ПОЛУФИНАЛЕ
РЕЗУЛТАТИ 2. НАТПРЕВАР
Ангели – Чаир 2030 65:62 (2-0)
Партизан Водно Санс – Феникс 2010 73:72 (1-1)