13.05.2019

Втора лига мажи: Четири клуба продолжуваат во полуфиналето

Четири клуба од Втората лига во машка сениорска конкуренција од регионот исток како и четири клуба од регионот запад меѓусебе разигруваа изминатата недела во рамки на четвртфиналните средби од Втората лига. Влогот е голем, со оглед на тоа дека победникот во финалната серија од оваа лига ќе се пласира во Првата лига за сезона 2019/2020, а финалистот ќе добие шанса да разигрува со претпоследниот од Првата лига (Плејаут лига) за место во елитната конкуренција во домашното клупско натпреварување.

Во рамки на четвртфиналните средби, МЗТ Скопје Аеродром запиша две победи над својот противник Црн Дрим и тоа 68-94 односно 83-64 и се пласира во полуфиналето. Противник на тимот од Аеродром ќе му биде кошаркарскиот клуб Ангели кој во четвртфиналето запиша победа и пораз во дуелите со својот противник ТФТ, но поради подобра кош-разлика се пласира во полуфиналето. Во првиот дуел Ангели запишаа победа од 76-82 додека во вториот натпревар триумфираа ТФТ со 82-86.

Втората полуфинална двојка се состои од Карпош Соколи кои убедливо триумфираа над Чаир 2030 со 107-89 во првата четвртфинална средба и со 89-91 во втората средба, и од Академија ФМП кои се исто така без пораз. Кошаркарите од ФМП ги совладаа тетовчани од Тетекс ТТК со 43-63 односно 91-68 во четвртфиналните дуели.

Натпреварите од полуфиналните средби ќе започнат да се одигруваат претстојната среда (15. мај, 2019 година), а правдата ќе ја делат меѓународни арбитри кои се учесници од клиниката за судии на која МКФ е организатор.