06.11.2023

МКК Куманово има беспрекорни (5-0), во чекор го следат екипите на Шкупи и Маџари...

ВТОРА ЛИГА-МАЖИ: Кумановци подобри и од Водно Санс, Маџари до важна победа во Штип

Во дербито на ова 5.коло во Скопје, МКК Куманово славеше во мечот против Водно Санс. На крајот тоа беше и убедливо (82:63), па кумановци остануваат единствената екипа со максимален ефект од пет победи.

Одлично отворање имаше капитенот на гостинската екипа Марјан Јанески, кој даде десет од своите 26.поени уште во првата четвртина во која неговата екипа обезбеди двоцифрена предност (26:15). До полувремето таа разлика беше уште поголема (50:32). Сосема доволна за да се продолжи победничката серија на „сино-белите“.

Јовановски даде 12, Јовановиќ имаше 11, а Стојановски и Ј. Стошиќ реализираа по десет поени за Куманово 2009.

Кај Водно Санс, Трајанов дојде до 20.поени, а Ќириловски имаше уште 13.

Од друга страна, вториот кумановски тим немаше никакви шанси во дуелот со Шкупи. Славеа чаирчани на гостувањето во салата „Перо Наков“ со повеќе од убедливи (101:56) против Куманово 2009. А дури петмина кошаркари на Шкупи на овој меч  реализираа десет или повеќе поени: Димитровски 25, Ристов 13, Прентовиќ 12, Миновски 11 и Камбери 10.

Сепак се чини дека највредната победа во овој круг ја реализираа кошаркарите на Маџари. На гостувањето во Штип, каде со тројката на Тодоровски, на три секунди пред крајот, славеа со минимални (93:91).

За ефект (4-1), место погоре во однос на штипскиот второлигаш, и делба на позицијата број 2 со екипата на Шкупи.

Во дуелот на две екипи од долниот дел од табелата, во Прилеп, Мега баскет го совлада Тетекс ТТК со (87:79), додека пак на последниот натпревар од ова петто коло, во СЦ „Jане Сандански“, МЗТ Скопје Уни Банка го совлада Борец баскет со (75:64), што е трет триумф за младите кошаркари од Аеродром во почетниот дел од натпреварите во второлигашката конкуренција

ВТОРА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ 5. КОЛО

Мега баскет – Tетекс ТТК           87:79

Водно Санс – МКК Куманово     63:82

МЗТ Скопје Уни Банка – Борец баскет          75:64

Куманово 2009 – Шкупи             56:101

Соколи 1933 – Маџари   91:93

Ангели – Работнички 2018       91:70

ТАБЕЛА: МКК Куманово 10, Шкупи 9, Маџари 9, Соколи 1933 8, Ангели 8, МЗТ Скопје Уни Банка 8, Водно Санс 8, Мега Баскет 7, Борец Баскет 7, Работнички 2018 6, Тетекс ТТК 5, Куманово 2009 5;

ИДНО КОЛО (11.11)

МКК Куманово – МЗТ Скопје Уни Банка

Работнички 2018 – Маџари

Борец Баскет – Мега баскет

Тетекс ТТК – Куманово 2009

Ангели – Водно Санс

Шкупи – Соколи 1933