29.03.2024

Натпреварот (сабота, од 17. часот) во Маџари, е многу позначаен за домашната екипа која се бори за второто место

ВТОРА ЛИГА-МАЖИ: Маџари е следното искушение за МКК Куманово

Претпоследното коло од регуларниот дел на сезоната, носи уште еден, и тоа како важен натпревар за изгледот на табелата, особено оние водечки позиции, поточно за втората.

Во сабота, од 17.часот, во салата „Наум Наумовски-Борче“, екипата на Маџари е домаќин на досега непоразeната екипа во оваа конкуренција, МКК Куманово.  

Со оглед на тоа дека кумановци веќе го обезбедија првото стартно место пред доигрувањето, се чини дека овие 40.минути се многу поважни за екипата од Маџари.

На две кола пред крајот, Маџари е на делба на второто место на табелата. Заедно со екипата на Шкупи, имаат идентичен скор (15-3), но и полош меѓусебен биланс во двата одиграни натпревари со екипата од Чаир.

Значи, на избраниците на тренерот Перо Блажевски им одговара само успех во дерби дуелот на ова 21.коло во кое конкурентот за позицијата 2 е домаќин на велешки борец Баскет, во натпревар кој е закажан за 20.30 часот во салата „Зеф Љуш Марку“.

Победа на Шкупи и пораз на Маџари ќе значи дека на коло пред крајот, Шкупи ќе тргне во доигрувањето од втората, а Маџари од третата стартна позиција.  

Многу важен меч, но во битката за опстанок, ќе се игра во Тетово. Во сабота, од 17.часот, кошаркарите на Тетекс ТТК ја „бркаат“ теоријата.

Мора да го совладаат младиот тим на Работнички 2018, со најмалку девет поени разлика, во обдите да бидат чекор поблиску до конкурентот. Но за да опстанат во Втората лига, на тетовци ќе им треба едно вистинско „мало чудо“.

Да победат и во последното коло (на гостински терен кај Борец баскет), а нивниот директен ривал за 10.место на табелата, наредниот викенд да загуби уште еднаш, на домашен паркет, против екипата на Мега баскет.  

Од 19.часот, во салата „Јордан Мијалков“ во Штип, кошаркарите на Соколи 1933 го пречекуваат скопски Ангели во обид да го потврдат шестото место на табелата, кое моментално го делат со Борец баскет со скор (7-11).

Од друга страна тимот од Драчево, со ефект (12-6), е со скоро обезбедена четвртта стартна позиција (две победи повеќе во однос на МЗТ Скопје Уни Банка (ефект 11-8).

Мега баскет е во императивна форма пред дуелот токму против екипата од Аеродром, кој се игра, исто така сабота, (од 19.часот) во Прилеп. Прилепчани мораат да победат, па во последниот круг од натпреварите да чекаат неуспех на Водно Санс (во ова коло е слободна), за да останат во трката за осмата, последна позиција која води во доигрувањето.

ВТОРА ЛИГА-МАЖИ

ДВОЈКИ 21.КОЛО

30.МАРТ (САБОТА)

17.00: Маџари – МКК Куманово

Сала „Наум Наумовски-Борче“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/vczIiJMb3zI?si=FJ5-czi2BjdfHMbG

17.00: Тетекс ТТК – Работнички 2018

Сала „Економско“ – Тетово

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/EnWYjtajTI8?si=u9ZfUashu8Ln__V5

19.00: Мега баскет – МЗТ Скопје Уни Банка

Сала „Добре Јовановски“ - Прилеп

19.00: Соколи 1933 – Ангели

Сала „Јордан Мијалков“ – Штип

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/L2vZgUIzNNk?si=Oig72XGRj7iG29e_

20.30: Шкупи – Борец баскет

Сала „Зеф Љуш Марку“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/d-KsPqwbmyU?si=yEaQQx1Qjtpy0Kux

Водно санс - слободен

ТАБЕЛА: МКК Куманово 36, Шкупи 33, Маџари 33, Ангели 30, МЗТ Скопје Уни Банка 30, Соколи 1933 25, Борец баскет 25, Водно Санс 25, Мега Баскет 23, Работнички 2018 21, Тетекс ТТК 19;