01.05.2024

Кој ќе игра догодина во Првата лига, ќе одлучи „мајсторката“, Маџари го одбрани домашниот терен, победи со сигурни (81:70)

ВТОРА ЛИГА-МАЖИ: Маџари го возврати ударот, го победи Шкупи

Одлуката кој покрај екипата на МКК Куманово во наредната натпреварувачка сезона ќе игра во Првата лига-мажи, ќе го даде третиот натпревар во полуфиналната серија во која играат екипите на Маџари и на Шкупи.

Вечерва, во салата „Наум Наумовски-Борче“, домаќините, екипата на Маџари беше доста сигурна, стигна до убедлив триумф (81:70) и егал скор (1-1) во разигрувањето за место во елитната дивизија.  

Вториот меч од полуфиналната серија донесе апсолутна играчка и резултатска константност на домашната страна. Кошаркарите на Маџари имаа предност од првата до последната минута. Во добар дел истото беше изразено со двоцифрена позитива.

Така беше на истекот на првата четвртина (26:16), И само во некоку нарати, Шкупи успеа да се „симне“ на негатива која се опишува како достижна, односно да го намали минусот на шест поени, како што беше и на полувремето, (34:40).

Но не и повеќе од тоа...

На влезот во последниот период, Маџари имаше сигурни, високи (59:46), кои би се рекло и рутинерски ги одбрани, и што е поважно за тимот на тренерот Перо Блажевски, го одбрани домашниот паркет, и обезбеди трет, и последен меч во оваа серија која ќе го даде вториот финалист во Втората лига за оваа натпреварувачка сезона.  

Карло Блажевски беше најдобриот поединец на овој натпревар, реализираше 30.поени, неговиот брат, Паоло Блажевски додаде 19,  Тодоровски 11, а капитенот Милков уште 10. поени за екипата победник на овој меч.

Кај Шкупи, Димитровски беше стрелец на 25.поени, но двоен број на поени на овој натпревар даде само уште Двојаковски - 10.

Затоа ќе се игра и трет, во кој победникот добива се, поточно, место во Првата лига.

ВТОРА ЛИГА-МАЖИ - РАЗИГРУВАЊЕ – ПОЛУФИНАЛЕ

РЕЗУЛТАТИ - ВТОР НАТПРЕВАР

Маџари – Шкупи  81:70 (1-1)

Ангели - МКК Куманово 56:71 (0-2)

*сериите во разигрувањето се играат според системот „подобар во три натпревари“