24.03.2024

Кумановци лесно излегоа на крај во дуелот со Соколи 1933 (85:62), продолжува победничката серија на Шкупи, следи Маџари...

ВТОРА ЛИГА-МАЖИ: МКК Куманово, и официјално, со „единицата“ во доигрувањето

Екипата на МКК Куманово и дефинитивно, ќе тргне од првата стартна поизиција во доигрувањето за местата, две, кои водат во највисокиот ранг на натпреварување – Првата лига.

Во 20.коло, кумановци стигнаа до сигурен триумф во дуелот со штипски Соколи 1933 (85:62), и на две кола пред крајот на регуларната фаза, имаат недостижни три поени во однос на двата главни конкуренти, Шкупи и Маџари.

На дуелот против штипјани, капитенот Јанески реализираше 22.поени, Јовановиќ имаше 11, Стојановски 10.поени. Додека кај гостите, Јовев имаше 12.реализации, а Костадинов, Митков и Митев по 11.поени.

Екипата на Маџари запиша многу важна победа во обидите да биде што подобро пласирана во регуларниот дел од второлигашката сезона.

Славеше тимот кој го предводи тренерот Перо Блажевски на нималку лесното гостување во Велес. Беа доста подобри од Борец баскет, на крајот и убедливи (87:64).

Натпревар кој беше решен во второто полувреме, или 20 минути во кои гостите од Скопје, парцијално, направија (45:26), кои и ги доведоа до убедливата победа со која остануваат на делба на второто место, заедно со екипата на Шкупи.

Карло Блажевски постигна 21.поен за Маџари, а Настовски даде 15,  капитенот Милков имаше 14.поени, а Паоло Блажевски уште 13. поени во екипата-победник.

На другата страна, велешката, Петковски постигна 18.поени, Чадамов имаше 12, а Камишев еден поен помалку.

Без проблеми, до новата, деветта по ред победа во вториот дел од сезоната, стигнаа и кошаркарите на Шкупи. На гостувањето во Тетово, избраниците на тренерот Тони Симиќ делуваа сигурно, за конечни (83:62), и задржување на позицијата број 2 во пресрет на последните две кола.

Димитровски беше прв стрелец кај Шкупи, реализираше 19.поени, Величковски уфрли 13, а Ристовски уште 12. поени за екипата од Скопје, за скор (15-3).

Дуелите на кошаркарите на Работнички и МЗТ Скопје Аеродром секогаш привлекуваат внимание, без разлика во која категорија се играат.

Практично вторите состави на „вечните“ играа во СЦ „Кале“ од каде аеродромци излегоа како победници, МЗТ Скопје Уни Банка славеше над Работнички 2018 (79:72).

Интересен натпревар, особено прво полувреме одиграа овие два тима. По првите 20. минути „сино-белите“ имаа предност со три поени (38:41). Аеродромци беа подобар тим во текот на целиот натпревар во кој клучната предност ја направија во третата четвртина. Со осумте поени на Пандев, МЗТ го доби тој период и со десет плус (61:51) влезе во последната четвртина во која гостите најдоа начин да го сочуваат тој вишок.

По оваа победа, како и поразот на Соколи 1933 на гостувањето кај лидерот МКК Куманово, тимот од Аеродром во најмала рака го осигура петтото место. Аеродромци имаат победа помалку од Ангели кои во оваа рунда беа слободни.

А голем чекор кон пласманот во првата „осумка“, и место во доигрувањето за пополнување на Првата лига, стигнаа и кошаркарите на Водно Санс.

Во дуелот со директниот конкурент, Мега баскет, славеа убедлив триумф (85:69), за скор (6-13) кој ги става на осмото место на табелата. Овој плус од 16 поени го става составот на Водно Санс во подобра ситуација во случај двете екипи да го завршат регуларниот дел од сезоната со ист број на бодови (на првиот натпревар, во Прилеп загубија со девет поени разлика).

Одлично издание имаше младиот репрезентативец Ќириловски кој реализираше 32.поени. Го следеше Стојанов кој дојде до 20.поени на овој важен натпревар за неговата екипа, во кој Димитриев постигна уште 12.поени.  

Кај прилепскиот второлигаш, Велески даде 20.поени, Јовановски постигна 15, а Настески ги следеше со 11.реализации.    

ВТОРА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ 20.КОЛО

МКК Куманово – Соколи 1933 85:62

Работнички 2018 – МЗТ Скопје Уни Банка  72:79

Тетекс ТТК – Шкупи         62:83

Водно Санс – Мега баскет         85:69

Борец баскет – Маџари 64:87

Ангели  - слободен

ТАБЕЛА: МКК Куманово 36, Шкупи 33, Маџари 33, Ангели 30, МЗТ Скопје Уни Банка 30, Соколи 1933 25, Борец баскет 25, Водно Санс 25, Мега Баскет 23, Работнички 2018 21, Тетекс ТТК 19;

ИДНО КОЛО (30.03)

Маџари – МКК Куманово

Мега баскет – МЗТ Скопје Уни Банка

Тетекс ТТК - Работнички

Шкупи – Борец баскет

Соколи 1933 - Ангели

Водно санс - слободен