17.04.2024

Фаворитите не препуштија ништо на случајноста, и во два натпревари се пласираа во наредната натпреварувачка фаза

ВТОРА ЛИГА-МАЖИ: МКК Куманово и Шкупи експресно во полуфиналето

Нема пречки за кошаркарите на МКК Куманово на патот кон Првата лига. Кумановци ја продолжија серијата на победи на и првото гостување во пост-сезоната, односно вториот натпревар од четвртфиналето на разигрувањето за пополнување на двете места во Првата лига.

На гостински терен, во Прилеп, го совладаа тимот на Мега баскет со убедливи (97:64) и со максимални (2-0) ја затворија серијата. И место во полуфиналето, каде ќе го чекаат подобриот од серијата во која разгруваат екипите на Ангели и МЗТ Скопје Уни Банка.

Капитенот Јанески го предводеше составот од Куманово со 20.реализации. Ренато Димитриески реализираше 15.поени, Георгиевски даде 13, а Јовановиќ и Штерјов имаа по 11.поени на ова гостување во Прилеп.

Во домашната екипа, која со овој пораз ги завршува настапите за оваа сезона, Стевананџија постигна 13.поени, Стеваноски и Јовановски имаа по 12, а Велески додаде 11.поени.   

Втора победа и пласман во полуфиналето реализираа и кошаркарите на Шкупи. И во вториот меч од четвртфиналето беа многу подобар ривал од Борец баскет. Иако номинално играа како „гости“, во салата “Зеф Љуш Марку“, „сино-белите“ стигнаа до повеќе од убедлив триумф (123:65)

А во „гостинската“ екипа, најефикасен со 20.поени беше Балоски, Камбери додаде 19, Тачи имаше 17, Здравковиќ 11, а Џеладини, Димитровски и Миновски уште по десет поени. Сапроновски постигна 21, Карталовиќ 13, а Малинов уште 10.поени за Борец баскет.

Пласман во полуфиналето ќе обезбедат екипите кои први ќе запишат по две победи во овие серии. 

ВТОРА ЛИГА-МАЖИ - РАЗИГРУВАЊЕ – ЧЕТВРТФИНАЛЕ

РЕЗУЛТАТИ - ВТОРИ НАТПРЕВАРИ

Борец баскет – ШКУПИ**         65:123 (0-2)

Мега баскет - МКК КУМАНОВО**      64:97 (0-2)

ДЕНЕСКА: 

16.00: МЗТ Скопје Уни Банка – Ангели (0-1)

19.00: Соколи 1933 – Маџари (0-1)

*сериите во разигрувањето се играат според системот „подобар во три натпревари“

**Обезбедиле пласман во полуфиналето