15.04.2021

Со дуелот Ангели-Шкупи се комплетираше 17.коло, во последното, одлука Борец Баскет или Баскет КАМ во доигрувањето

ВТОРА ЛИГА-МАЖИ: Последното коло ќе ги тргне сите дилеми на Истокот

Со одигрувањето на заостанатиот натпревар, во кој екипата на Ангели славеше минимална победа против Шкупи (80:78), „затворени“ се сите натпревари од 17.коло во Втората лига.

Останува, овој викенд да се одиграат натпреварите од 18, последно коло од регуларниот дел по кое ќе стане јасно кои осум екипи ќе играат во втората фаза – пополнување на две места кои водат во Првата лига во натпреварувачката сезона 2021/2022.

Со победата над Шкупи, кошаркарите на Ангели се израмнија според бројот на бодовите со екипата на Феникс 2010. Двете екипи кои се на делба на првата позиција, имаат скор (15-2), пред одигрувањето на последното коло.

Овој викенд Феникс 2010 има „зицер ситуација“, на домашен терен го пречекува тимот на Про Баскет од Кавадарци. Со победа на овој меч „фениксовци“ ќе ја земат „единицата“, дури и во случај ако Ангели бидат поуспешни на средбата со струмички Ролинг 08, затоа што имаат подобар меѓусебен скор во двата натпревари со тимот од Драчево.

По неуспехот во дуелот со Ангели, екипата на Шкупи со ефект (13-4) се позиционираше на третото место во оваа група.

За четврттото ќе решаваат екипите на Борец  Баскет (11-6) и Баскет КАМ (10-7).

За да се бори за место во елитата, овој викенд велешкиот второлигаш треба да биде подобар од екипата на Шкупи, или да чека пораз на екипата од Каменица на гостувањето кај Струмица (8-9).

Победа на Баскет КАМ во Струмица, и пораз на Борец Баскет од Шкупи ги води кошаркарите од Каменица на позицијата број 4, последната која води во доигрувањето за место во елитата.

На западот ситуацијата е доста јасна.

Екипата на Чаир 2030 (скор 16-1) ќе тргне во доигрувањето од првата позиција. Зад нив е Партизан Водно Санс (13-4), кој има победа плус во однос на третопласираниот Тетекс ТТК (12-5), и две во однос Хераклеа (11-6).

Битолчани имаат подобар скор во однос на ГКК Охрид, кој е петти со ефект (10-7).