04.04.2024

Неколку важни натпревари следуваат во последното коло од регуларниот дел од сезоната

ВТОРА ЛИГА-МАЖИ: Работнички 2018 и Тетекс ТТК во битка за опстанок, а Мега баскет и Водно Санс за плеј-офот

Последното, 22. коло од регуларниот дел од сезоната треба да ги детерминира осумте учесници во доигрувањето преку кое ќе се дојде до двете екипи кои во следната натпреварувачка сезона ќе играат во Првата лига.

Но во исто време, треба да даде одговор која екипа освен исклучениот Куманово 2009, ќе се пресели во еден ранг подолу – Третата лига.

Во битката за избегнување на десеттото место, второто кое води во третолигашката конкуренција, се екипите на Работнички 2018 и на Тетекс ТТК.

Екипата од „Градски парк“ (ефект 3-16) има победа повеќе во однос на директниот конкурент, Тетекс ТТК (2-17). Во ова коло, на домашен терен во СРЦ „Кале“ (недела, 18.часот) го дочекува прилепски Мега баскет. И со евентуална победа, младиот состав на Работнички 2018 ќе обезбеди опстанок.

Евентуален пораз, и победа на тетовци на гостински терен во Велес, против Борец баскет, ќе значи и останување на Тетекс ТТК во ова друштво, со оглед на тоа дека тетовци имаат подобар биланс во меѓусебните натпревари оваа сезона против Работнички 2018.

Дуелот против Тетекс ТТК (недела, 18.часот), има важност и за екипата на Борец баскет (ефект 7-12), која со евентуален успех може да се искачи и на шестата позиција пред плеј-офот, на која во овој момент е екипата на Соколи 1933 (скор 8-11), а која во оваа последна рунда има гостување во Скопје, односно натпреварот против екипата на Водно Санс.

Екипа која со учинок (6-13), во овој момент е на делба на осмата позиција (заедно со  екипата на Мега баскет), и со евентуален триумф во овој меч ќе обезбеди место во доигрувањето.

Скопскиот второлигаш има подобар скор во двата меѓусебни дуели со оној од Прилеп. И со победа во овој меч и дефинитивно ќе го потврди и пласманот во доигрувањето.

Штипјани се позиционирани на 6. место, и доколу сакаат да останат на истото, ќе мора да бидат подобри во овој дуел со Водно Санс, затоа што во случај на победа на Борец баскет против Тетекс ТТК, и нивни неуспех на гостувањето во Скопје, ќе значи и позиција подолу во конечната табела.

Такви дилеми нема за оние четири позиции на табелата...

Оттука големото дерби на ова 22. коло кое е закажано за петок од 20.30 часот, а во кое ќе се сретнат двете првопласирани екипи МКК Куманово и Шкупи, освен меѓусебниот престиж, ќе нема и некое резултатско значење.

Во истиот термин, петок, 20.30 часот, во салата „Независна Македонија“, ќе се сретнат екипите на Ангели и на Маџари. Исходот од оваа средба нема да промени ништо на табелата.

Гостите од Маџари ќе го почнат доигрувањето од позицијата број 3, додека онаа од Драчево од една позиција подолу – четврттата.

ВТОРА ЛИГА-МАЖИ

ДВОЈКИ 22. КОЛО

5.АПРИЛ (ПЕТОК)

20.30: МКК Куманово – Шкупи

Сала „Перо Наков“ – Куманово

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/U6XbWLTKT_k?si=h5vilbYL0sxLiATH

20.30: Ангели – Маџари

Сала „Независна Македонија“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/Gi0kocoL94Y?si=qWiZcERLCY1Ir-dl

7.АПРИЛ (НЕДЕЛА)

17.00: Водно Санс – Соколи 1933

Мала сала СЦ „Борис Трајковски“ – Скопје

18.00: Работнички – Мега баскет

Сала СРЦ „Кале“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/htz3XAjdGOg?si=gMTimvoCttnJafNt

18.00: Борец баскет – Тетекс ТТК

Сала „Гемиџии“ - Велес

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/w9gtSfLChgw?si=uGErrQCLhZNOmZV4

МЗТ Скопје Уни Банка - слободен

ТАБЕЛА: МКК Куманово 38, Шкупи 35, Маџари 34, Ангели 31, МЗТ Скопје Уни Банка 31, Соколи 1933 27, Борец баскет 26, Водно Санс 25, Мега Баскет 25, Работнички 2018 22, Тетекс ТТК 21;