11.05.2024

Во мечот на двата нови прволигаши, кумановци го победија Шкупи (77:59), додека  Ангели завршува како трет по победата против Маџари (85:56)

ВТОРА ЛИГА-МАЖИ: Шампионскиот пехар за „непобедливите“ од МКК Куманово

Вечерва беше означен и крајот на натпреварите во Втората лига-мажи. Со мини-турнирот одигран во салата „„Перо Наков“, четирите најдобри екипи во регуларниот дел, потоа и во разигрувањето, се собраа на едно место, за да одлучат која е најдобрата од нив.

Во големото финале, се сретнаа двата финалисти на плеј-офот, МКК Куманово и Шкупи. А во последните 40.минути, двата нови прволигаши покажаа дека со право се изборија за овој статус. Одиграа доста интересен натпревар во кој на крајот како победник излегоа кошаркарите на МКК Куманово.

Славеа со резултат (77:59), и сосема заслужено го подигнаа победничкиот трофеј, наменет за најдобрата екипа во натпреварувачката сезона 2023/2024.

Успех за тимот кој го предводи Марин Докузовски, кој добива уште повеќе на „тежина“ ако се земе в предвид дека до него дојдоа со максимален ефект. Односно со 20.победи во регуларниот дел (не се земаат в предвод уште оние против Куманово 2009 кој беше исклучен од натпреварувањето), дополнети со уште пет, по две во четвртфиналето односно полуфиналето, и последната во ова финале на сезоната.

Претходно, се одигра и натпреварот за третото место во конечниот редослед. Натпревар во кој екипата на Ангели славеше убедлива победа против Маџари (85:56).

Со тоа, втора година по ред екипата од Драчево завршува како третопласирана во оваа второлигашка конкуренција, во која во наредната натпреварувачка сезона ќе играат екипите на Бутел и на Црн Дрим, додека од ова друштво испаднаа екипите на Куманово 2009 и на Тетекс ТТК.