10.10.2024

Со нов тренер и комплетна нова петорка скопскиот второлигаш ќе ја започне новата сезона, Охрид ќе бара брзо враќање во Првата лига

ВТОРА ЛИГА-МАЖИ: Шанса за младите, Маџари во улога на прв фаворит за место во елитата

Ако во најавата, односно онаа воведна анализа на новата натпреварувачка сезона се бара фаворит за место кое води во елитната конкуренција, на површината, односно некако во преден план „излегува“ екипата на Маџари.

Ланскиот полуфиналист направи сериозни промени во оној играчки ростер. Заминувањето на братскиот двоец Карло и Паоло Блажевски, беше надополнето со трансфер на неколку нови играчи. Нови играчи на скопскиот второлигаш станаа Даниел Нацевски, Милорад Миновски, Војче Лефкоски, Блажо Митков, Алек Петковски, а последно име во ростерот на новиот тренер Миодраг Тодоровиќ (дојде на местото на Перо Блажевски) е Давид Трпески, кој до лани настапуваше за екипата на Ангели.

Екипата од Драчево ќе ја дочека сезоната исто така со нов, доста подмладен „лик“. Претставува збир на играчи во кој „најстариот“ играч, Иван Балов е роден 2000 година. Со слична определба, форсирање на млади играчи влегува и Партизан Водно Санс, кој во меѓувреме остана без услугите на јуниорскиот репрезентативец Коста Ќириловски (замина во Игокеа), но и другите екипи од главниот град како МЗТ Скопје Уни Банка, Работнички 2018.

Со свои шанси за враќање во Првата лига, извесно влегуваат и кошаркарите на Охрид, кад епостои онаа ланска „база“ на играчи, кои година дена порано успеаја во настојувањата да се изборат за елитниот ранг.

Од друга страна вистинска енигма би требало да бидат игрите на Академија ФМП, втората екипа која лани го загуби прволигашкиот статус.

Повратници во оваа конкуренција се кошаркарите на Црн Дрим, ново име е уште една скопска екипа – Бутел.

За очекување е во битката за плеј-офот, стандардно, со години наназад, да се борат и велешки Борец баскет, односно штипски Соколи 1933, што дава уште поголема неивесност. Не само во оној регуларен дел од првенството, туку и во доигрувањето преку кое ќе се бараат двете екипи кои ќе се стекнат со прволигашки „мандат“.

Првенствената трка ќе стартува овој викенд, а регуларниот дел ќе се игра до 13. април, 2025 година.

Календарот вели дека вториот дел од Втората лига ќе почне на 19.април, полуфиналето ќе се игра на 3, 7 и 10, односно 11. мај, а финалниот турнир на кој ќе бидат промовирани и новите прволигаши, ќе биде на 17. и 18. мај 2025 година.  

ВТОРА ЛИГА-МАЖИ

ДВОЈКИ 1. КОЛО

12. ОКТОМВРИ (САБОТА)

16.00: Црн Дрим – Партизан Водно санс

Сала „Нико Нестор“ - Струга

16.00: Охрид – Маџари

Сала „Билјанини извори“ – Охрид

19.00: Бутел – Соколи 1933

Сала „Илија Хаџи Николов“ - Скопје

13. ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА)

14.30: Борец баскет – Ангели

Сала „Гемиџии“ - Велес

19.00: Мега баскет – Академија ФМП

Сала „Добре Јовановски“ – Прилеп

14. ОКТОМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК)

18.15: Работнички 2018 – МЗТ Скопје Уни банка

Сала на СРЦ „Кале“ – Скопје