09.12.2023

Чаирчани го победија Борец баскет (68:60), за оддржување на чекорот со водечкиот двоец кој ќе се пресмета утре во Куманово

ВТОРА ЛИГА-МАЖИ: Шкупи издржа во Велес, убедливи Ангели и МЗТ Скопје Уни Банка

Во пресрет на дерби дуелот, утре навечер во Куманово, вечерва беа одиграни поголем дел од натпреварите од 10.коло во Втората лига.

А се чини дека најважната победа ја реализираа кошаркарите на Шкупи, кои беа подобри од Борец баскет, и тоа на гостински терен (68:60).

Екипата од Чаир имаше одличен почеток во првите осум минути, избраниците на тренерот Тони Симиќ направија високи (22:4). И како да се задоволија со таа висока позитива гостите од Скопје. Момент кој велешани знаеја да го искористат. Во финишот дури и да се заканат сериозно, но останаа без оној завршен удар за пресврт и во резултатот.

Капитенот Камбери, со 19.поени (пет тројки), беше прв стрелец во составот на Шкупи, каде Димитровски даде 17, а Стојанов уште 12.поени.

Кај Борец баскет, Карталовиќ реализираше 11.поени, а Младеновски 10.

Победничкиот ритам го оддржаа и младите кошаркари на МЗТ Скопје Уни Банка. На свој терен, беа многу подобри од прилепски Мега баскет. Славеа со високи (103:67), за делба на позицијата број 4 на табелата која ја има и екипата на Ангели (двете екипи се на скор 7-3).

Во победничката екипа, Спасовски постигна 22.поени, Настовски два помалку, Талевски имаше 13, а Ангелковски уште 12.поени.  

Кај прилепскиот второлигаш, Дамески уфрли 18, а Стевананџија 11. поени

Екипата од Драчево беше повеќе од убедлива во дуелот со штипски Соколи 1933. Убедливата победа домашните кошаркари ја најавија уште по 20.минути од играта во кои се стекаа со превисоки (62:33).

Недостижни за гостинскиот тим, кој навистина, оддржа егал резултат во второто полувреме, но не „побегна“ од убедлив пораз (97:79).

Љушиќ, Арсоски и Атанасов имаа по 17. реализации кај Ангели, Трпески 12, а Стојаноски уште 10, додека пак во гостинската екипа, Костадинов даде 19, а Коцев 10.поени.   

Особено висока победа реализираше и екипата на Водно Санс, која без никакви проблеми го совлада тимот кој е последен на табелата, Куманово 2009 со резултат (115:60).

Ова коло ќе биде комплетирано со одигрување на уште два натпревари, и тоа во неделната програма.

Од 18.часот, во салата „Перо Наков“, МКК Куманово го дочекува Маџари, за потврда на првото место на табелата, додека пак во исто време, но во салата во „Градски парк“, ќе играат екипите на Работнички 2018 и на Тетекс ТТК.     

ВТОРА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 10. КОЛО

Водно Санс – Куманово 2009  115:60

Борец баскет – Шкупи    60:68

МЗТ Скопје Уни Банка – Мега баскет            103:67

Ангели – Соколи 1933    97:79

10.ДЕКЕМВРИ (НЕДЕЛА)

18.00: МКК Куманово – Маџари

Сала „Перо Наков“ - Куманово

18.00: Работнички 2018 – Тетекс ТТК

Сала „Градски парк“ - Скопје

ТАБЕЛА: МКК Куманово 18 (-1), Шкупи 18, Маџари 17 (-1), Ангели 17, МЗТ Скопје Уни Банка 17, Борец баскет 15, Водно Санс 14, Соколи 1933 14, Мега Баскет 13, Работнички 2018 11 (-1), Тетекс ТТК 10 (-1), Куманово 2009 9;