27.04.2024

Големата предност од првото полувреме, им беше доволна да стигнат до триумфот (86:78) и водство (1-0) во полуфиналето

ВТОРА ЛИГА-МАЖИ: Шкупи подобар од Маџари, на чекор е до Првата лига

Одличното прво полувреме во кое акумулираа голема позитива се покажа како решавачко за победата на Шкупи против Маџари (86:78) во првиот полуфинален натпревар од разигрувањето за пополнување на Првата лига.

Одличен вовед во мечот број 1 од серијата која треба да даде еден прволигаш. имаа избраниците на тренерот Тони Симиќ.

Десет минути во кои направија и десет поени „вишок“ (27:17).

И не се задоволија со тоа затоа што во наредната, таа предност скоро и ја удвоија. На полувремето имаа големи (47:29).

Но по паузата, гостите од Маџари заиграа многу подобро, а во последниот период од играта и уште поефикасно.

Од минута во минута ја намалуваа високата негатива. И во последната дојдоа до минус од само четири поени (78:82). Дури имаа и напад за да го направат натпреварот драматичен. Не го искористија обидот за три поени, по што прво Тачи, а потоа Џеладини од линијата за слободни фрлања, ја потврдија победата, за сепак, подобрата екипа во текот на сите 40.минути, први од оваа серија.

Димитровски постигна 20.поени, капитенот Камбери реализираше 14. Џеладини имаше 13, а Тачи уште 11.поени во победничката екипа, која сега има две шанси за да се промовира во нов прволигаш.

Во гостинската, Карло Блажевски постигна 22.поени, и беше најефикасен играч на натпреварот, а Настовски, Тодоровски и Паоло Блажевски реализираа уште по 12.поени.

ВТОРА ЛИГА-МАЖИ - РАЗИГРУВАЊЕ – ПОЛУФИНАЛЕ

РЕЗУЛТАТИ - ПРВ НАТПРЕВАР

Шкупи – Маџари  86:78 (1-0)

МКК Куманово – Маџари          77:47 (1-0)

*сериите во разигрувањето се играат според системот „подобар во три натпревари“