20.05.2019

Втора лига: МЗТ Скопје Аеродром и Академија ФМП во финалето

Се наѕира крајот на натпреварувачката сезона во Втората лига мажи. Најмалку по 20 натпревара одигра секој тим кој се натпреваруваше во оваа конкуренција, во регионот Исток и во Запад, за да на крајот останат два тима кои ќе се надигруваат за директен пласман во Првата лига за наредната сезона.

Според системот за натпреварување, победникот во финалето директно се пласира во Првата лига мажи за сезона 2019/2020 додека финалистот-поразен ќе одигра бараж натпревари со претпоследниот тим во Плејаут лигата за сезона 2018/2019.

МЗТ Скопје Аеродром и Академија ФМП ги надиграа своите противници Ангели односно Карпош Соколи во рамки на полуфиналето и ќе се пресметаат меѓусебе во финалето.

Горан Крстевски, тренер МЗТ Скопје Аеродром
Нашиот противник се покажа како најсериозен досега, комплетно во двете лиги. Немаат пораз, а и се гледа дека тренираат сериозно и дека амбициите им се прва лига. Работат напорно и организациски се поставуваат како за во прва лига. Ние сме младинска екипа која оваа сезона се обидува да направи нешто добро и мислам дека сме доволно подготвени да ги изненадиме, но фаворитската улога е дефинитивно на нивна страна. За нивниот тренер Игор Гацов имам огромна почит, очигледно е дека резултатите не се случајно туку дека се базирани на сета таа работа што ја вложуваат во тимот. Со Ангели и со Црн Дрим покажавме дека можеме да се носиме и ако одиграме во иста форма нема да им биде лесно. Од тој аспект мислам дека ќе пружиме добра партија и убава кошарка, па подобриот нека победи.

Игор Гацов, тренер Академија ФМП
Искрено не очекував МЗТ Скопје Аеродром да влезе во финале, но одличната работа на мојот колега Горан Крстевски се покажа на дело. Несомнено ќе гледаме едно интересно финале, јас верувам во моите млади момци. Досега двапати ги победивме МЗТ во оваа сезона. Така што сигурен сум дека на овие два натпревара ќе одлучуваат нијанси па ќе видиме кој е подобар. Од нивниот ростер би издвоил тројца клучни играчи, Мамузиќ, Исајлоски и Митевски кои ќе мораме да ги спречиме. Цела сезона намерата ни беше финале, а кога почнавме да победуваме апетитите на управата се зголемија па така амбициите станаа прва лига.Нема што да изгубиме, имаме две шанси – и директен пласман и бараж.

Натпреварите од финалето предвидено е да започнат да се одигруваат претстојната среда (22. мај, 2019 година).