Втор натпревар и втора победа за кошаркарите на Хувентуд на стартот од новата сезона во „Ендеса“ лигата.
Откако пред неколку дена, на домашен терен беа подобри од Уникаха, вечерва, Ненад Димитријевиќ и соиграчите победија и во Севиља. Против екипата на Реал Бетис, со убедливи (78:57)
По израмнетото прво полувреме во кое гостите од Бадалона водеа со минимални (35:33), а во кое Димитријевиќ реализираше три поени, но имаше и четири успешни додавања и два скока за нецели девет минути во игра, многу работи се променија во продолжението.
На почетокот на последниот период „зелено-црните“ имаа плус од 21.поен (65:44), водство кое успеаја да го задржат и да го впишат вториот „плус“ во новиот шампионат на Шпанија.
Македонскиот репрезентативен бек заврши со пет реализирани поени (1/1 за три и 1/2 за два поени). На оние четири асистенции во првиот дел додаде уште три. А за 17:54 минути на теренот во Севиља, допиша и три скока.