12.11.2020

Феноменалниот шутерски почеток им донесе триумф на момците од „Градски парк“, против Подгорица (76:70).

ВТОРО КОЛО ОД АБА 2 ЛИГАТА: Работнички до прва победа во АБА 2 конкуренцијата!

Беа заморени на првиот натпревар. Одморија и победија...

Кошаркарите на Работнички ќе го паметат овој датум, 12. ноември, 2020 година, во кој дека за прв пат во своето постоење, стигнале до победа во регионалното натпреварување, насловено како АБА 2 лига.

ПОДГОРИЦА – РАБОТНИЧКИ   70:76

Неверојатен почеток имаа кошаркарите на Работнички на овој втор меч во „балонот“ на Златибор.

Не може поинаку да се оквалификува нивната шутерска рапсодија во првите десет минути од играта. Погодија „црвено белите“ дури осум тројки (од десет обиди), што секако имаше и огромно влијание не само во играта, туку и во резултатот. На истекот на првиот период, нашиот претставник во АБА 2 лигата водеше со (30:12), а 24. поени од нив беа реализирани зад линијата од 6.75 метри.

Многу поизедначена беше втората четвртина од натпреварот, во која, очекувано, „црвено-белите“ не го продолжија она убиствено темпо во нападот. Црногорците „симнаа“ само три поени од таа висока негатива.

Сепак, Работнички водеше со убедливи (48:33) на полувремето.

Она второто не донесе некои сериозни промени во играта. Кошаркарите на Подгорица се обидуваа да ја направат таа разлика едноцифрена. Но тимот во „Градски парк“ не го дозволи тоа. Барем до последната минута од третата четвртина (53:62), во која Работнички не го смени стилот. Веруваа во шутот за тир поени. Имаа дури десет обиди повеќе од таа во однос на позицијата која носи по два поени (28 спрема 18).

Кризата во играта на македонскиот тим беше се повидлива. По серија од шест поени по ред, за само две минути, Подгорица се доближи на три поени негатива, (59:62).

Лошите моменти во играта ги прекина Балмазовиќ. Но составот од Подгорица беше во игра за пресврт се до минута и пол до крајот. Потегот на вечерта, односно новата тројка која дојде од Питс, за недостижни (76:70), ги симна сите маки за Работнички.