12.11.2020

Во натпревар исполнет со доста промени на водството, МЗТ Скопје Аеродром стигна до победата (92:83) против тимот од Никшиќ.

ВТОРО КОЛО ОД АБА 2 ЛИГАТА: Тргнаа и „металците“, преку Сутјеска!

Во „стани-падни“ стил ги одиграа вторите 40.минути во „балонот“ во Златибор кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром.

Но сепак, популарните „металци“ некако го пронајдоа патот до победата на кој им стоеше екипата на Сутјеска.

Иако доста осцилираа, стигнаа до првата победа во ова ново, и тоа како изменето, издание на АБА 2 лигата.

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – СУТЈЕСКА 92:83

Во седум минути од уводниот период, МЗТ Скопје Аеродром изгради двоцифрена предност. Поведоа „аеродромци“ со (25:13), Но се што градеа за тоа време, скоро го загубија во преостанатите три минути. Екипата од Никшиќ до истекот на тој прв дел од играта врза серија од (12-2) за комплетно враќање во мечот.

МЗТ Скопје Аеродром имаше „само“ два поени предност, (27:25). Но добра вест за тренерот Ѓорѓи Кочов беше одличниот почеток на Дамјан Стојановски. Капитенот иницираше серија за „сино-белите“ и ново одвојување на (35:27).

Кога веќе се вратија во една таква позитива, „металците“ немаа намера да ја испуштат повторно. Ја сочуваа до полувремето кое го добија со задоволувачки (47:39), а во кое Олуџоби се вгради со 13, а Стојановски со уште десет поени.

Но по втор пат во текот на натпреварот, „металците“ влегоа во „празни минути“. Му дадоа нова шанса на противникот да се врати, дури и да поведе (51:50), во 24.минута. Тука момците од Никшиќ не застанаа. Три минути подоцна, имаа уште поголема позитива (62:56), која ја креираше нивниот довчерашен соиграч, Милошевиќ, со голема помош од Сејфиќ и Корач.

Но Гравет не даде повеќе од тоа. Во свој, атрактивен стил, со забивање и тројка, ја врати екипата од Аеродром во ново водство. По три четвртини беше (68:65) за МЗТ Скопје Аеродром.

Во последната, иако во самиот финиш останаа без помош на Бојиќ, потоа и Стојановски (по пет лишни грешки), „аеродромци“ најдоа начин, со добра реализација во шутот од далечина, да го скршат отпорот на жилавиот противник.

Иван Kарачиќ ги одигра првите минути во новата играчка средина. За 18.минути во игра, постигна седум поени, имаше и два скока.

А според распоредот на натпреварите, во третото коло од „меурот“ на Златибор, на 14. ноември, од 15.часот, Работнички ќе игра против уште една црногорска екипа – Ловќен.

Ден подоцна, на 15. ноември, и во вечерниот термин, од 21. часот, МЗТ Скопје Аеродром го чека мечот со екипата на Широки.