04.11.2020

Втората првенствена рунда ќе ја отворат новите прволигаши од Струга и од Скопје

ВТОРО КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Дебитантите на дело

Второто коло од новата сезона во Првата лига-мажи ќе биде комплетирано во еден натпреварувачки ден.

Поради одложувањето на дуелот Пелистер-Вардар, ќе се одиграат пет натпревари.

Првиот од 16.часот, ќе се игра во Струга, каде ќе се сретнат екипите на Црн Дрим Грин мобил и ТФТ, останатите четири се поставени во еден термин – 18.часот.

16.00: Црн Дрим Грин Мобил – ТФТ

За кошаркарите од Струга ова ќе биде првиот официјален натпревар во новата сезона. Оној првиот против Вардар не го одиграа, па оттука средбата со ТФТ ќе биде деби настап за Црн Црим сега со придавка „Грин мобил“.

„Се работи за еден од најмладите состави во лигата и очекувањата се да прикажеме добра и полетна игра допадлива за публиката која сепак ќе нè следи преку интернет конекција и ТВ пренос. Сепак, во овој момент најважно е сите да останеме живи и здрави. Во овие тешки времиња на спортистите и сите учесници во процесот им е најтешко. Го ризикуваат своето здравје само за повторно да се затркала портокаловата топка на терените“ -  потенцира тренерот на струшкиот прволигаш, Перо Чочороски. 

„Што се однесува за дуелот со ТФТ, веројатно противникот е во мала предност. Особено што зад себе веќе имаат два натпреварувачки дуели. По еден во домашното првенство и во БИБЛ лигата, макар со ист противник – Куманово. Кај играчите се чувствува онаа позитивна енергија, и желба за почеток на натпреварите, која се надевам дека ќе ја претвориме и во еден краен ефект-победа“.

Исто како новиот прволигаш од Струга, и оној од Скопје ќе ја чека првата победа, за нив  би се рекло, и историска.

Дуел на два нови прволигаши, најдобрите тимови од минатата година во Втората лига, кои што тогаш немаа прилика да ги одмерат силите поради прекинот на првенството и пандемијата која ја предизвика корона вирусот. Во подготвителниот период пред сезонава, одигравме два натпревари. Говорат дека станува збор за две изедначени екипи по квалитет, а кои ќе се обидат да изненадат годинава. Конкретно за овој натпревар, мислам дека секој има свои предности. Екипата на Црн Дрим - домашниот терен, ние од друга страна веќе имаме зад себе два натпревари и почувствувавме некоја  натпреварувачка атмосфера. За очекување е да биде тежок натпревар, неизвесен до самиот финиш во кој за конечниот победник може да решаваат буквално детали. Ќе пробаме да изненадиме и да дојдеме до премиерниот триумф сезонава“- коментира Боро Смилковски, шефот на стручниот штаб на ТФТ пред гостувањето во Струга.

18.00: МЗТ Скопје Аеродром – Кожув

Еден од натпреварите кои предизвикуваат најголемо внимание во вториот круг. По поразот во вечното дерби, јасно е дека „металците“ ќе тргнат со сите сили да го поправат тој стартен неуспех. Макар што пред себе имаат екипа која по правило, особено откако ја води Александар Јончевски, игра доста добро во СЦ „Јане Сандански“.

„Имавме прилика да ги гледаме на само еден натпревар со Работнички, каде и покрај отсуството на двајца високи играчи успешно парираа и имаа две слободни фрлања за победа. Имаат најголем број репрезентативци, и според мене, одлични странци што ги прави фаворити и за освојување на АБА 2 лигата, а не само во домашното првенство. Ние сме една екипа со дури четири дебитанти, кои не одиграле ниту една официјална средба досега. Одлично тренираа и се вклопија со домашните играчи. Но тоа што го покажаа на тренинг не секогаш се отсликува и на официјален натпревар. Доколку не ‘проработи’ тремата, или друг фактор, верувам дека ќе му парираме на МЗТ во Скопје“- смета Александар Јончевски пред гостувањето во СЦ „Јане Сандански“

18.00: Гостивар – Работнички (МТВ 3)

Дерби дуелот на 2. коло ќе се игра во салата „Младост“. Гостивар е домаќин на Работнички во натпревар кој двете екипи го дочекуваат со дијаметрално спротивно расположение.

Гостиварци ги загубија, би се рекло, планираните бодови на гостински терен кај Академија ФМП, додека пак најтрофејниот на клуб дојде до голем триумф во вечното дерби против МЗТ Скопје Аеродром.

„Веројатно малкумина знаат какви проблеми имаме во овој период, и нема да бараме алиби за тоа, зборувам за загубениот меч во првото коло. Натпревар во кој некои играчи настапија со само неколку тренинзи ‘во нозете’, некои сеуште се со здравствен третман. А кога е така, не е лесно да победиш и некоја младинска екипа“- констатира Александар Костоски.

Некогашниот репрезентативец очекува многу подобро издание на Гостивар во дерби дуелот со Работнички.

„Нема многу време, но мора да се подигнеме и сите заедно да се обидеме да прикажеме многу подобра игра од онаа првата. Работнички го победи МЗТ Скопје, а тоа е добар знак дека тоа е плод на квалитетна игра. Видовме дека треба да го сопреме Питс, кој е двигател на нивните офанзивни активности. Но таму има и други квалитетни поединци, затоа очекувам неизвесен натпревар. Голема штета е што ќе ја немаме подршката на нашите навивачи. И тоа е најголемиот хендикеп за Гостивар во овој прв дел од првенството. Нема да ни биде лесно“- дополнува искусниот бек.


Од друга страна „црвено-белите“ во многу порелаксирана атмосфера го чекаат овој натпревар.

„Победата против МЗТ Скопје Аеродром за нас е веќе минато. Одиме од натпревар во натпревар, и на секој ќе бараме победа. Против Гостивар очекувам тежок меч. Имаат добра екипа, и искусни играчи. Со самото тоа што го загубија првиот натпревар во сезоната, знаеме дека силно ќе посакуваат да го добијат овој натпревар со нас“ – коментира кратко Марјан Младеновиќ.

18.00: Куманово 2009 – МЗТ Скопје Уни Банка

Зад Куманово се две победи над екипата на ТФТ. Една во БИБЛ друга во домашниот шампионат. А распоредот вели дека вечерва ќе играта против екипата која ја познаваат доста добро.

„Игравме неколку пати во периодот на подготовките со МЗТ Скопје Уни Банка. Со забелешка дека сега се подобри за двајца странци, кои и на средбата со Еуро Никел 2005 покажаа дека мора максимално сериозно да му пристапиме на овој меч. Она што треба да го поправиме е завршницата. Премногу лесно дозволивме ТФТ да ја стигне нашата двоцифрена предност. Во два наврати, тоа не смееме да си го дозволуваме“- гласи мини-анализата на Владимир Мирковски  во пресрет на вечерашниот меч против „вториот тим“ од Аеродром.

18.00: Еуро Никел 2005 – Академија ФМП

Иако потешко од очекувањата, Еуро Никел 2005 го совлада МЗТ Скопје Уни Банка, кавадарчани ја оствари потцртаната цел. Вечерва одат кон наредната – Академија ФМП.

„Очекувам интересен натпревар со екипата на Академија ФМП која одигра перфектно во првиот меч со Гостивар. Играат добра кошарка, предводени од Александар Петровиќ која вади максимум од секој тим каде што бил. Но ние сме домаќини, и ќе нападнеме од првата минута. Очекувам победа, нека победи подобриот, и посакувам многу здравје на сите кошаркари“- вели пред вечерашниот дуел во салата „Јасмин“, тренерот на кавадаречкиот прволигаш, Горан Самарџиев.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

ДВОЈКИ 2. КОЛО

ДЕНЕСКА:

16.00: Црн Дрим Грин мобил – ТФТ

18.00: МЗТ Скопје Аеродром – Кожув

18.00: Гостивар – Работнички (МТВ 3)

18.00: Куманово 2009 – МЗТ Скопје Уни Банка

18.00: Еуро Никел 2005 – Академија ФМП

Пелистер – Вардар          одложено