04.11.2020

По продолжението од пет минути, Работнички го доби дербито во гостиварски „Младост“ (92:82)

ВТОРО КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Гостивар анулира негатива од дваесет поени, и застана во екстра периодот

Првото продолжение во новата сезона од Првата лига го одиграа кошаркарите на Гостивар и Работнички.

Откако во регуларниот дел гостиварци надполнија дефицит од 20.поени, на крајот не успеаја да направат комплетен резултатски пресврт

Гостивар – Работнички   82:92 (79:79 во регуларен дел)

Николовски даде девет, а Враговиќ осум поени во водството кое Работнички го имаше по првите 10.минути (25:15) во дуелот во салата „Младост“.

По нецели две минути од втората четвртина гостите од „Градски парк“ веќе имаа двојно повеќе дадени, во однос на примени поени (30:15).

Не им одеше ама баш ништо на домашните кошаркари кои некоја минута подоцна влегоа во „минус“ и од 20.поени (25:45). Разлика која во голема мерка дојде и поради одличниот шут, од дури 60% за три поени (6/10), кои црвено-белите“ го имаа во 15.минути од дуелот во Гостивар.

Моменти во кои освен Николовски и Враговиќ, на теренот, и тоа со десет поени „се појави“ и Американецот Питс. А тоа значеше и многу помирна, потечна игра на гостинската екипа која на полувремето ја одржа таа висока предност (51:34). По егал-играта во третата, серијата од (7-0) во последната четвртина како да ги размрда гостиварци.

Стигнаа на едноцифрен минус (60:69). Но не се задоволија со тоа кошаркарите кои ги предводи Марјан Србиноски. Серијата на Гостивар достигна и до (17:2), по која веќе Работнички не беше сигурен победник (68:71).

Не им помогна на гостите од Скопје ниту новиот тајм-аут на нивниот тренер Димитар Мираковски. Армстед ги донесе своите и до нерешен резултат (71:71), па победникот се решаваше во последните 180 секунди.

Неверојатно звучеше резултатот во тие седум минути од играта, (20:2) за Гостивар. Црната серија на Работнички, макар и со едно реализирано слободно фрлање, ја прекина Младеновиќ, на 2:48 минути пред крајот.

Гостивар дури и поведе (73:72), пред Белмазовиќ да ја врати предноста на гостинската страна, и тоа со тројка у уште два поени од „пенали“, за (77:73).

Имаше Работнички „добиен меч“ на 18. секунди пред крајот кога Питс реализира два „пенали“ за (79:75). Но по поентирањето на Армстед, Костоски му ја украде топката на Балмазовиќ. А „отпадокот“ на Армстед, Тодоровиќ го претвори во нерешени (79:79).

Во екстра периодот Гостивар едноставно го „снема“. Заличе на екипата од првото полувреме. Дадоа „сино-белите“ само три поени, примија дури 13, па Работнички слави втор важен триумф (92:82) во рок од неколку дена во двата дерби натпревари од стартот на новата сезона.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ 2. КОЛО

Црн Дрим Грин Мобил – ТФТ  69:79

МЗТ Скопје Аеродром – Кожув           81:75

Гостивар – Работнички   82:92

Куманово 2009 – МЗТ Скопје Уни Банка      77:73

Еуро Никел 2005 – Академија ФМП  96:82

Пелистер – Вардар          одложено

ИДНО 3. КОЛО (7.НОЕМВРИ)

Академија ФМП - Куманово 2009

ТФТ - Пелистер

Кожув - Работнички

МЗТ Скопје Уни Банка - Црн Дрим Грин мобил

Гостивар - Еуро Никел 2005

Вардар - МЗТ Скопје Аеродром