Кошаркарките на Бадел 1862 го одиграа и вториот натпревар од Супер лигата на WABA. По гостувањето во Подгорица, македонскиот вицешампион имаше уште една тешка задача, на гостински терен во Нови Сад, против екипата на Војводина 021.
Нема да го паметат по добро, особено уводната четвртина во која му дозволија на фаворитот да направи висока предност, а потоа и да победи.
ВОЈВОДИНА 021 – БАДЕЛ 1862 79:55
Крајно несигурен почеток имаа кошаркарките на Бадел 1862 на гостувањето во Нови Сад. Му дозволија на фаворизираниот противник да поведе со (18:2) за само пет минути. Раното влегување во висока негатива не им даде многу опции во играта на „баделки“ на почетокот на натпреварот.
До истекот на десет минути во кои имаа дури седум технички грешки, домашната екипа имаше сигурно, високо водство од (23:7).
Не се сменија работите ниту на почетокот на втората четвртина која новосаѓанки ја отворија со серија од (10-0), во нецели четири минути, за недостижни (33:7).
Стартната петорка на гостинската екипа остана непроменета, во обид да се врати назад во натпреварот. Но и „резервната петорка“ на Војводина 021 покажа висок квалитет на игра. До истекот на првото полувреме ја одржа високата позитива (48:23).
Минути во кои Ивана Кметовска парираше со десет реализирани поени. И период од игра во кој интересно, Бадел 1862 одигра со почетната постава, без замени.
Второто полувреме донесе далеку поизрамнета игра. Нашиот претставник заигра многу подобро во нападот, имаше (9-4) во првите пет минути од продолжението, за да ја симне негативата на (32:52). А одличната Сара Ломис (веќе имаше дабл-дабл ефект од 21.поен и 10. скока) не дозволуваше и нешто повеќе од тоа. Сепак, до крајот на третиот период, поентерски се „отвори“ Трајчевска (стигна до 12.поени), која со помош на Кметовска (имаше 17), го донесоа својот тим на уште пониска негатива - (42:59).
Серијата од (8-0) на Војводина 021, за (67:42), ги симна сите дилеми околу победникот.
Првата победа во втората, суперлигашка фаза од женското регионално натпреварување, кошаркарките на Бадел 1862 ќе ја бараат за една седмица. На 26 јануари на домашен терен ја пречекуваат екипата на Триглав.