09.02.2022

Вечерва од 19.30 часот, нова шанса за победа во суперлигашката конкуренција од регионалното натпреварување.

WABA ЛИГА: Војводина е следниот предизвик за „баделки“

Кошаркарките на Бадел 1862 се збогуваа со теоретските шанси за пласмна во финалната „четворка“ од женската Јадранска лига, но не се откажуваат од обидите да добијат уште некој фаворит, особено што шансата е поголема ако се игра на домашен терен.

Вечерва, од 19.30 часот, во салата „Независна Македонија“ гостува силниот состав на новосадска Војводина 021. Екипа која оствари убедлив триумф на домашен терен против „баделки“ кои бараат, сакаат да изненадат против квалитетниот ривал кој се бори за една од тие четири позиции кои водат на завршниот турнир од ова натпреварување.

„Вечерва играме натпревар со одличната екипа Војводина 021 од Нови Сад, од која на првиот меч загубивме убедливо, со 24 поени разлика. Војводина 021 е со сериозни шанси за учество на ‘Ф4’, и е фаворит на овој натпревар. Од тие причини ќе биде крајно мотивирана да нè совлада и на овој натпревар. Но ние, со сите сили и со полн ростер ќе настојуваме да ја спречиме во таа намера. Убеден сум дека девојките ќе дадат се од себе да дојдеме до втората победа во Суперлигата, и да се обидеме до крајот на натпреварувањата да го избегнеме последното место“ – вели тренерот на екипата на Бадел 1862, Перо Стамески.

Неговиот колега, Александар Јовановиќ пак се соочува со проблеми околу креирањето на составот за вечерашниот дуел во Скопје.

„Станува веќе и банално, но и вечерва ќе настапиме некомплетни. Лена Радуловиќ не ни допатува во Скопје, а настапот на Чарна Прокиќ е неизвесен, и веројатно нема да биде во состојба да игра. Бадел 11862 е во сјајна форма, има врвни кошаркарки на сите позици кои би ги посакал секој тренер, вклучително и јас. Дека ќе биде супер тешко, ќе биде... Секако, се радуваме на средбата со спортските пријатели, прекрасното Скопје и добар натпревар“- потенцира Јовановиќ.